Македонија
14. December 2019 - 16:37

Дескоска ја предаде златната метла, ќе има ли кој да ја искористи?

Кој ќе чисти со златната метла на граѓанските организации?.. Министерката за правда на денешната еколошка акција му ја предаде на првиот човбек на судскиот совет, оти таа вели дека нејзе веќе и помогнала во изработка на законите.

„Кога му ја предадов, претседателот на Судскиот совет искоментира дека не е многу амортизирана. Ние со таа метла можевме да помогнеме да се направат законите и затоа таа е една фина канцелариска работа која што ја завршивме, сега останува вистинската амортизација на метлата да се случи во Судски совет, да се спроведат тие закони кои што ние ги подготвивме а Собранието ги донесе и да се врати довербата на правосудството во нашата државата“, вели Рената Дескоска, Министер за правда.

Сепак, за метлата на Дескоска, нема место во Судскиот совет.. Претседателот Киро Здравев веднаш му ја предаде на првиот човек на Кривичниот суд, Иван Џолев. Неодамна Здравев изјави дека внимателно треба да се спроведува ветингот меѓу судиите но и дека телото со кое тој раководи и сега ја контролира работата во правораздавањето.

Идентичен став има и државниот обвинител Љубомир Јовески.. Вели дека во Советот на јавни обвинители каде и тој е член се водат постапки за несовесно работење на јавните обвинители..

„Поддржувам некој процес на прочистување но за тоа требаат соодветни одредби и измени на законските прописи. Во овој момент во рамки на обвинителството се водат спрема четири јавни обвинители, дисциплински постапки, и според тоа јас мислам дека таа одговорност во еден дел функционира но во натамошниот период треба да се направат сите напори одговорноста кај јавните обвинителите целосно да профункционира“, вели Љубомир Јовески, Државен јавен обвинител.

Колешката на Јовески пак има прецизен став.. Шефицата на обвинителството за гонење криминал и корупција бара проверка на работата на обвинителите.

„Па мислам дека ветингот е добра идеја така да веројатно на тој начин ќе се прочисти“, вели Вилма Русковска, Обвинителство за гонење криминал и корупција.

Незадоволство од работењето на правосудните органи има полицијата.. Министерот за внатрешни смета дека недозволиво е на приведените за пукањето кај Александар Палас да им се одреди куќен притвор.

„Ако погледнете за какви луѓе станува збор, тоа воопшто не се мерки. Кога ќе подготвите тимови и голем дел на инспектори ќе работат на расчистување на одреден случај и ќе утврдат аргументи и факти кои ќе ги достават до Јавното обвинителство и ќе ви кажат нека оди по редовна постапка, тогаш навистина се прашуваме зошто толку труд и енергија се вложува и кого тоа ние штитиме“, вели Оливер Спасовски, Министер за правда.

Според најавите на министерството за правда, ветингот во правосудството ќе се спроведе по завршување на предвремените парламентарни избори закажани за во април..