Македонија
29. November 2019 - 17:02

Дескоска имала сомнежи за екстра бонуси во СЈО

Бонусите од илјадници евра за обвинителите во СЈО се апсурдни за првиот човек на правда. Министерката Дескоска вели дека имале сомнеж за додатоците кои се исплаќале во специјалното обвинителство но дали исплатата била законска, ќе чека да утврди обвинителството.

„Имаме индиции за нелогично исплаќање на овие додатоци, не врз основа на реални критериуми. Значи правото на додаток постои во законите. На јавниот обвинител е да утврди дали тој додаток се исплаќал согласно критериуми кои што постојат. Јас немам увид во нивните акти за распределба на додатоците и да види дали висините одговараат на она што е законска рамка“, изјави Рената Дескоска, Министер за правда.

Нелогичност во сумите за додатоци кои се исплаќале во СЈО препозна и државниот обвинител Љубомир Јовески.. Тој вчера откри дека првичните анализи покажале оти за исти основи, по два пати се делеле пари.. Според него, апсурдно било секретар да има поголема плата од Претседателот на државата.

Бонусите во СЈО станаа достапни за јавноста откако тие ги објави министерството за финансии.. Интернет алатката покажа дека во четири годишниот мандат, обвинителите зеле од 70 до 100 илјади евра како додатоци за доверливост, висок ризик и посебни услови за работа.. По овие основи, најмногу пари добила Катица Јанева или вкупно 157 илјади евра.. Обвинителката Фетаи откри дека Јанева го одредувала износот на бонусите но сумата од околу 22 илјади евра годишно била многу помала од патните трошоци кои ги добивале парламентарците.