Македонија
14. November 2017 - 16:07

Десет основци повредени во сообраќајка кај Демир Хисар

Наместо во училишните клупи, десет ученици од ОУ Гоце Делчев од Демир Хисар денес завршија во Клиничката болница во Битола по судирот на автобусот со кој се превезувале и комбе. До несреќата дошло околу 07:30 часот, кога автобусот со битолски регистарски таблички, управуван од 56-годишниот крушевчанец С.С. се судрил со комбе, исто така, со битолски ознаки, управувано од З.С., 49 години од село Единаковци, демирхисарско. Неофицијално, причина за незгодата е намалената видливост и неприлагодената брзина на условите на патот.

Во несреќата, десет од триесетте ученици од различни одделенија и на возраст до 14 години, кои патувале кон Основното училиште Гоце Делчев во Демир Хисар, се здобиле со лесни телесни повреди. Од битолската клиничка болница велат дека по прегледите, кај дел биле констатирани набиеници по телото, но бидејќи не станувало збор за животнозагрозувачки повреди, биле пуштени на домашно лекување. На лекување во болницата е задржан возачот на комбето. Тој  во сообраќајната несреќа се здобил со фрактура на карлицата и скршеници на двете нозе. 

Од полицијата велат на местото на настанот е извршен увид, а сообраќајот не бил во прекин. Оттаму апелираат на внимателно возење во есенските и зимските месеци кога маглата е присутна речиси секое утро во Пелагонија. Заради магла и неприлагодена брзина на патот, во нецели две недели животот го загубија двајца битолчани на возраст од 18 и 19 години.