Македонија
24. јуни 2016 - 13:50

Десет години од воведување интервентна кардиологија во Охрид

Над 13.000 интервенции, од кои скоро една третина или околу 4.000 кај животно загрозувачки пациенти се извршени во изминатите 10 години во Заводот за кардиоваскуларни болести во Охрид, информира денеска директорката Изабела Автоска на прес-конференција по повод 10 години од изведувањето на првата дијагностичка коронарографија и перкутана коронарна интервенција.

Со преместување на Кардиолошкиот завод во новите простории што се градат во рамките на Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Свети Еразмо“, кон средината на идната година, таа очекува темпото за развој на институцијата да продолжи.

- Првата фаза за имплементација на интервентната и адултната кардиологија треба да се заврши до средината на следната година. Очекувам дека веднаш потоа или можеби во исто време ќе се адаптираат просториите за рехабилитација на пациентите. Тоа ќе биде во новите згради покрај брегот на Охридското Езеро, рече Автоска.

Бројот на згрижени пациенти во интервентната кардилогија, според раководителот на одделот за интервентна кардиологија Дејан Манчевски, од година во година расте.

- Во 2006 година имавме 87 пациенти, а од година во година бројката прогресивно се зголемува. Сега сме на над 1.500 пациенти годишно од кои околу 300 се со животно загрозувачи акутни заболувања, срцев удар. Благодарение на тимот кој несебично се залагаше за развој на оваа установа во изминатите 10 години голем дел од овие пациенти денес се здрави, вратени назад на нивните работни места и кај нивните фамилии, истакна Манчевски.

Тимот од интервентната кардилогија, додаде тој, се состои од четворица лекари, но има и лекари што се на специјализација и субспецијализација. Постојано се усовршува и останатиот персонал во болницата со што се прошируваат и дејностите во Заводот.

- Со воведувањето на коронарографиите следуваше и желба за натамошно усовршување и влегување во други интервентни процедури. Со тек на време се воведоа и други процедури од типот на стентирање на каротидни артерии, процедура која е животно спасувачка најмногу кај пациенти што прележале мозочен удар и се врши превенција да не дојде до повторен мозочен удар. Прогресивно се зголемува и бројот на каротидни стентови. Вршиме и стентирање и на останатие артерии на било кој дел од крвните садови на пациентите, информира Манчевски.

Охридскиот градоначалник Никола Бакрачески кој ниту еден момент не се откажа од професијата заклучи дека во изминатите 10 години Заводот доживува перманентен раст и развој како во бројот на тртеирани пациенти, така и во бројот на изведени процедури, но и во трендот на воведување нови методи и процедури, кои го пратат светскиот развој на инванзивната и неинванзивната кардиологија.

- Оваа институција е гордост на охридското, регионалното, но и на македонското здравство. Институција која постојано го подига квалитетот на дадени услуги кон пациентите и со континуирана медицинска едукација на кадарот. Сето тоа придонесува да се создаде слика во која пациентите од регионот навистина веруваат. Слика во која се создава сигурност кај сите оние што барале услуги од овој центар, истакна Бакрачески. 

Успешното реализирање на една интервенција, според него, најмногу зависи од способноста на операторот, но не помалку зависи и од останатиот медицински и технички персонал, како и од здравствениот персонал кој ги упатува пациентите во Заводот.

Заводот за кардиоваскуларни болести ги третира најтешките пациенти со акутни кардиоваскуларни заболувања или живото загрозувачки заболувања во делот на интензивното лечење и нега од целиот регион.