Македонија
2. јуни 2016 - 18:10

Десет години од рестартот на рудникот „Саса“

Седумстотини и седумдесет илјади тони сува руда изнесува годишното производство на рудникот за олово и цинк „Саса“ од Македонска Каменица којшто на 10 јуни ќе одбележи 10-годишен јубилеј од рестартот и 50-годишнина од отворањето.

Зборувајќи за предизвиците, плановите и искушенијата во изминатите 10 години од рестартот на „Саса“, директорот за развој и инвестиции, Максим Прохоров за МИА истакнува дека сите активности  кои се одвивале етапно во овие 10 години од почнувањето со редовно производство во 2006 година, резултирале со подигнување на „Саса“ во првите 10 најуспешни и најпрофитабилни компании во Македонија.

- Истовремено рудникот „Саса“ се утврди како еден од 5-те најголеми рудници за олово и цинк во Европа, а и како еден од најголемите нето -извозници во земјите членки на Европска Унија од нашава земја. Сите овие успеси не би биле можни без тешка и заедничка работа на сите вработени, кои ги почувствувале инвестициските вложувања во многубројни промени во нивното работење, а и во нивните плати кои бележат континуиран пораст, рече Прохоров.

Тој напомена дека до крајот на првата инвестициска година во 2006 година, биле инвестирани 20 милиони евра во капитални инвестиции во рудникот, во опрема, во капитални објекти и долготрајни добра.

- Овие напори вродија со плод – веќе во јуни 2006 година по одреден период на пробни рударски активности, рудникот „Саса“ почна со редовно производство со планиран капацитет. Понатамошните развојни планови предвидуваа неколку правци на долгорочни инвестиции насочени како кон добивање и преработка на руда, така и кон вложувања во заштитата на животната средина, безбедноста при работа и детални геолошки истражувања со цел обезбедување рудни резерви за идниот период, рече Прохоров.

Како дел од инвестициските активности, додаде, ќе ја истакнам инвестицијата во нова опрема за флотација со комплекс за автоматизација на технолошкиот процес и затворен циклус на користење на технолошката вода, потоа новата јамска опрема, која за овие 10 години се заменува во целост веќе по втор пат, новото хидројаловиште за складирање на технолошкиот отпад, новите подготвителни за ископ рудни резерви, кои му овозможуват на рудникот понатамошно работење, сѐ до крајот на важење на постоечката концесија за експлоатација, односно до 2030 година.  - Овде мора да го споменам и  новиот транспортен хоризонт 830 кој е целосно опремен со нов систем за транспорт на руда, како и специфичните јамски машини со цел безбедно одвивање на работни процеси, рекултивираното старо јаловиште и т.н., наведе Прохоров.

Дел од инвестициските програми кои се веќе реализирани во износ од над 60 милиони евра, се и мерките за воведување нови принципи на работење, а со тоа и добивање на неколку битни ИСО Стандарти (ИСО 9001, ИСО 14001, ОХСАС 18001), како и меѓународна акредитација за рударска лабораторија.

Директорот за развој и инвестиции потенцираше дека со промена на сопственикот во ноември 2015 година и со пристапување на Американскиот инвестициски фонд „Орион“ за понатамошно водење на рудникот „ Саса“ капиталните инвестиции продолжиле и во тековната 2016 година.

- Имајки ги предвид така наречените „екваторијални принципи“ на водење бизнис со  кои се одликува приодот на новиот сопственик, планирани се нови вложувања, пред сѐ во заштитата на животна средина, зголемување на ниво на безбедност при работа, унапредување на ефикасност на работа на секое работно место, понатамошни детални геолошки истражувања и набавка на нова софистицирана опрема. Планирани се инвестиции во висина од 9,9 милиони евра. Еден од првите чекори во таа насока е токму почнување со активности за изградба на ново хидројаловиште во Рудникот „Саса“, инвестиција вредна над 6 милиони евра, рече Прохоров.

Според него, со инвестициските зафати, рудникот „Саса“ се презентирал во земјава како препријатие со можности за долгорочни развојни активности.  - Со тоа целосно се вклопуваме во напорите кои ги презема Владата на Република Македонија во нејзините напори на креирање поволна бизнис- клима и привлекување нови инвестиции. Бидејќи сите инвестициски активности се одвиваат врз основа на почитување на важечката легислатива, рудникот „Саса“ има изградено конструктивна и успешна соработка со сите затекнати државни институции и Локалната самоуправа. Препознавајќи и подржувајќи ги развојните планови на рудникот „Саса“, Владата на Република Македонија во неколку наврати се изјаснила за целосна поддршка на работењето на нашето претпријатие со доделување концесии за детални геолошки истражувања и проширување на концесиите за експлоатација, како и во доделување на многубројни дозволи и спроведување на административни постапки со цел континуирано работење на рудникот, рече Прохоров.

На денот на одбележувањето на 10-годишнината од рестартот на „Саса“ ќе биде промовирана и монографијата „Саса 10 години нов живот“ од авторот Иван Бојаџиски, а вечерта на плоштадот на М. Каменица концерти ќе одржат „Љубојна“ и Каролина Гочева.