Македонија
4. April 2018 - 20:57

Деновиве нема да видиме сонце - временска најава за споениот викенд

Променливо време најавуваат метеоролозите за велигденскиот продолжен викенд кој не чека на крајот на оваа недела. По денешниот сончев ден, утре не чека дестабилизација со услови за дожд и грмотевици, но без посериозни промени во температурите кои ќе надминуваат 20 степени и нема да се спуштат под 10.

Веќе во петок доаѓа посвежо време. Температурите ќе се спуштат под 15 степени а сонцето воопшто нема да го видиме. Цел ден се очекува да биде дождлив и тмурен што значи дека нема да биде баш погодно за прошетки или излети во природа.

Во сабота настапува разведрување и раст на температурите. Повремено ќе има облачност но ќе го видиме и сонцето. Температурите ќе се движат нешто под 20 степени. 

Но затоа во недела не чека прекрасен ден според метеоролошките прогнози. Најавите се дека ќе има чисто небо и ќе може вистински да се ужива во сончевите зраци. Температурите ќе одат над 20 степени.

Слично време ќе имаме цела наредна недела се до почетокот на викендот кога постепено се очекува наоблачување како најава за цела дожделива недела на стартот од втората половина од април.