Македонија
14. February 2020 - 8:01

Денеска е Свети маченик Трифун - заштитник на градинарите и на лозарите

Момчето што на 17-годишна возраст со Божја помош ја излекува царската ќерка Гордана којашто не можеше да ја излекува ниту еден лекар во империјата се стекна со голема слава и настрада на 21-годишна возраст, но остана во споменот на целиот христијански православен свет како поим за младост и доследност на христијанските традиции. Подоцна за свој покровител го зеле градинарите, лозарите и меанџиите.

(Именден празнуваат: Трифун, Трајан, Трајанка, Трајко, Трајче…)

Светиот маченик Трифун е роден околу 225 година во Кампсада, во малоазиската област Фригија, во близината на градот Апамија. Неговите родители биле христијани и уште рано кај него ја поттикнале љубовта кон Христовата вера. Во детството чувал гуски, но уште тогаш се истакнал со исцелителска способност. Со Божја помош лечел болни од разни болести и од луѓето ги бркал лошите демони. За неговите чуда се раскажувало во целата империја поради што бил викнат во Рим кај царот Гордијан, кого што во тоа време го снашла голема несреќа, бидејќи ќерка му Гордана се разболела од душевна болест и не можел да ја излечи ниту еден лекар во империјата. Во еден момент нечистиот дух од неа проговорил дека никој не може да го избрка освен Трифун. Најпосле, по Божја промисла во Рим пристигнало и младото, 17-годишно момче од Кампсада, коешто за кусо време ја излечило царската ќерка и се стекнало со уште поголема слава. Од царот било дарувано со многу дарови кои на враќање им ги разделило на сиромасите.

Свети Трифун со маченичка смрт умрел за време на царот Децие кога бил вршен голем прогон на христијаните. Од обласниот римски царски намесник по име Аквилин бил повикан да дојде во Никеја каде што било седиштето на обласната управа и му било предложено да се откаже од Исус и на римските богови да им принесе жртви. Трифун го одбил тоа поради што бил многу мачен. Бил обесен на дрво и тепан со прачка, потоа бил врзан за опашката од коњот и влечен низ полето, а кога и со тоа не го заплашиле го осудиле да му биде пресечена главата со меч. Но пред да биде извршен тој чин, додека војниците го воделе надвор од градот, Трифун се молел на Бога да му ја земе душата и кога дошле на местото за егзекуција тој ја предал душата пред мечот на џелатот да падне на неговиот врат. Тоа се случило на 14/1 февруари 248 година (според други во 250 година), кога имал само 21 година. Локалните верници го погребале на своите гробишта, но тој им се јавил на сон и посакал да биде погребан во своето село. Оваа желба му била исполнета и подоцна моштите му биле пренесени во неговото родно село.
Меѓу поголемите празници кои македонскиот народ ги празнува со многу обичаи спаѓа и Свети Трифун, празник главно познат по обредното закројување на лозјата. Едни го сметаат за последен од зимските, а други за прв од пролетните празници. Во некои краишта на Македонија како што се Охрид и Прилеп празникот е познат и како свети Трипун (или Триун) ‒ пијаница. Како што забележале собирачите на македонските народни умотворби, но и на народните обичаи и верувања, тој бил покровител на меанџискиот еснаф, но и заштитник на лозарите и градинарите. Се верувало дека тој ги штити лозјата и градините од разни штети и несреќи (болести, инсекти, градоносни облаци и сл.), поради што луѓето го славеле и во негова чест изведувале многу интересни обичаи.
Свети Трифун се празнува на 14 февруари според новиот (или на 1 сечко според стариот) календар. Во повеќе краишта на Македонија на овој ден рано наутро се одело во црквата каде што попот пеел молитва и светел вода. Од оваа вода за која се смета дека со осветувањето е ослободена од сите негативни демони и има лековита моќ, луѓето земале во шишиња и ги прскале лозјата при што го изведувале и обредното закројување. Во Скопско, како што забележал М. Кратовалиев, во запис од деветнаесеттиот век, на тој ден по црквите крштевале вода, и од таа вода секој селанин си носел по лозјата заедно со пепел. Во лозјето ќе турел малку од пепелта и ќе полеел од крстената вода. Водата ја поливал за да има бериќет, а пепелта за да „испрхнува“, т.е. да бидат поголеми зрната на гроздовите. Потоа закројувале по неколку лозинки, по што седнувале, се гоштевале и правеле големи веселби.
Вакви обичаи од Скопско во минатиот век забележал и К. Шапкарев кој запишал и обичаи од Струга каде што, исто така, се прославувал овој празник. К. Шапкарев сведочи дека во Струга св. Трифун на потсмев го викале „Триун пијаница“ и го сметале како претседател и покровител на градинарството и лозарството, бидејќи ги чувал градинарските сеидби и лозјата од пакосните инсекти кои ги уништувал. „За време на тој ден уште од рано, со истата цел, градинарите повикуваат еден свештеник, да освети вода во градината и после со неа ги поросува посевите, кога истовремено ќе ги прочита соодветните молитви кон св. Трифун, за да ги истреби од градината сите пакосни подземни и надземни инсекти од каков и да било вид. А, пак, лозарите и тие со иста цел, уште од зора, секој оди во своето лозје, и во секое лозје, колку ги има искаструва по неколку пенушки. Тоа се вика „зарежвење“.
Во селото Фотовица, Неврокопско, како што стои во еден запис од деветнаесеттиот век објавен во цариградскиот весник „Новини“,по отпуштањето од црквата секое семејство земало во шише од светената (пеана) вода, земале и леб, храна, вино и ракија и оделе во лозјето. Откако домаќинот ќе го попрскал лозјето со светена вода, застанувал на едниот негов крај, а друг член на семејството застанувал на другиот крај. Тогаш домаќинот ќе викнел: „Дедо Трифоне, каде си?“ Другиот, кој бил легнат меѓу лозите за да не се гледа одговарал: „Чуја, Чуууја!“ Ова се повторувало три пати по што домаќинот ќе речел: „Не мога да те вида од црни бели гроздаци.“ Потоа извикнувал „Дедо Трифонеее! Ела да јадем и да пием!“ На тоа другиот му одговарал: „Чуја, чуја! Ето, ето!“ Двајцата доаѓале во средината на лозјето, каде што одрежувале една лоза, потоа втора одрежувале на едниот крај и трета на другиот крај. Во средината на лозјето ископувале дупка длабока две до три педи, во неа го ставале шишето со останатата светена вода и го закопувале. Тоа го правеле за да го заштитат лозјето од градобијни облаци. Кога ќе завршеле со тоа ставале трпеза на која членовите на целото семејство јаделе, пиеле и се веселеле до доцна вечерта.
Во Банско, пак, според записот на браќата Молерови на Свети Трифун децата оделе во градината под лозницата, каде што јаделе пржени јајца и викале: „Куку Трифонеее, не мога да те здогледам од црни бели гроздишча като мојте бутовишча!“ Тоа го правеле за лозата да роди обилно.
Според записите од поново време на З. Делиниколова, во Радовиш, рано наутро, во црквата во бакарен казан „арнија“ крштевале „трипунска вода“ од која потоа земале во шишиња и ја чувале во текот на целата година, за здравје. Со оваа вода ги прскале лозјата и нивите за бериќет или во случаите кога ќе се појавела некоја болест по нивите. По завршувањето на службата во црквата целиот народ заедно со попот и певците оделе во полето каде што во некое лозје по прочитувањето на моливите попот го попрскувал лозјето со светена вода и закројувал три лози со благословот „Дај боже бериќет“. Пресечените лози пак ги потурале со вино и со ракија. Бидејќи овој ден се сметал за меанџиски празник во Радовиш на Св. Трифун се пиело без пари по меаните. Оној што најповеќе ќе се опијанел и ќе се валкал по земјата бил избиран за „цар на пијаниците“ и ова признание го носел преку целата година.
Во Куманово, исто така, според понови записи што ги направил В. Николов, членовите на лозарскиот еснаф од своите редови избирале кум кој „ќе сече колач“ за празникот. Колачот го месела домаќинката на кумот од пченично брашно. На празникот рано наутро еснафот заедно со попот излегувал надвор од градот кај лозјата („Лојзарско место“) каде што попот светел масло, крштевал вода, а потоа го сечел колачот од кој секој земал по едно парче и го јадел како нафора. Потоа за адет закројувале по неколку лози и ги попрскувале со вино и со ракија. Тука јаделе, пиеле и се веселеле со свирки и тапани. Притоа и се тркалале низ лозјата за така и бочвите да се тркалаат полни со вино. Очигледно дека се работи за имитативната магија, верувањето дека сличното произведува слично.
Според верувањата во Гевгелиско, што ги запишал С. Тановиќ, свети Трифун бил винар и имал многу лозја. Поради тоа што овој крај се наоѓа на југ и пролетта побргу се чувствува се сметало дека од овој празник почнува да мириса на лето па се велело: „Свети Трифун сече ама на лето мирисе“. Од овие причини, на овој ден се започнувала работата во полето, особено во лозјата и бавчите. Жените, пак, на овој ден ништо не работеле особено избегнувале работа со игла. Попладнето оделе во полето каде што береле зелје зашто се верувало дека на тој ден треба да се касне зеленило.
Во Тиквешијата, исто така, се изведувале богати обичаи што имале цел да обезбедат богат род на оваа култура. Рано наутро лозарите оделе во своите лозја каде закројуваат неколку лози. Притоа закроените лози ги полевале со вино и благословувале: „Господе, ти давам едно шише со вино, за илјада да ни подариш“. Во Ваташа при полевањето со вино и ракија се велело: „Еве ти вино и ракија, а ти дај ни убаво и квалитетно грозје, да можеме да зобаме и вино и ракија да правиме. Бериќетна да ни е годината, да тежи од род.“ И овде по закројувањето се тркалале во лозјето за да се тркалат и бочвите полни со вино. Во Ваташа било обичај по закројувањето свештеникот, во црковниот двор, да забоде запалена гламја во земјата со што се сакало да се забрза заминувањето на зимата и доаѓањето на пролетта.
Следниот ден по Свети Трифун е празникот „Сретение Господне“. Во народот постојат повеќе приказни во врска со тоа како св. Трифун си го пресекол носот. Во преданието од Гевгелиско се раскажува дека свети Трифун и Богородица биле брат и сестра. Еднаш кога Трифун работел во лозјето Богородица тргнала низ полето да бере зелје. Берејќи запеала, Трифун слушајќи го гласот не познал дека тој е од Богородица, па се провикнал: „Ох, ох, ох“. Слушајќи го тоа провикнување Богородица го познала дека е гласот од нејзиниот брат и помислила дека тој си го пресекол носот и дека затоа вика. Отрчала дома, зела крпи и побрзала да му ги однесе за да си го врзе носот. Но кога пошла таму и му кажала што помислила тој рекол: „Јас вака режам, а не вака“. Притоа покажувајќи како го правел тоа, навистина си го пресекол носот. Народот мисли дека Господ го казнил затоа што се провикнал кон својата сестра мислејќи дека е туѓа жена.
Ефтим Спространов запишувајќи обичаи што се изведувале на овој празник запишал дека Свети Трифун во Охрид бил познат со името „Трифун-пијаница“. Притоа од неговата вујна Сава, тогаш 63 годишна жена, го забележал преданието за свети Трифун. „Свети Трифун бил пијаница, се вели во ова предание. Кога одела Богородица да си пејт молитва во еден манастир ја сретил тој и је рекол нешто. Тога та го проколнала да си го пресечит носот. И навистина, ко ошол на лозје, мафнал со сорот и си го пресекол. Богородица је сретила жена му и је рекла: Трифун си го пресече носот, ама нишчо немат; изгори малу волна и оди залепи му го“. Ко ошла Трифуница, навистина си го пресекол носот. Тогај напраила, како шо је рекла Богоројца, и му го залепила. Тога и Свети Трифун тргнал со Богоројца и тој ошол на манастирот.
По пат је бркале Евреи. Стретиле еден гојдар и го опитале: али не помина одовде една жена со едно дете? Тој казал, оту поминала. Бидешчем је предал, та го проколнала: „Никога да се не здружват гоедата едно со друго, никога на ќуме да ти се не соберват, ами да ги фашчат штʼркелот и едно со друго да се не вижџʼт!“ И навистна така се сега гојдата. Потаму Еврејте нашле еден козар. И него го опитале, и тој казал оту поминала. Тога и него го проколнала, та зато сега козите се качват по највисоки камчишча по чкрќине и никако не се берат наедно. Најсетне нашле еден овчар. Ко го опитале и него, тој рекол, оту не поминала: а та била скријана во една трнка. Тога та и блосојла овците, та зато сега се наедно одет“.
На иконите св. Трифун е претставен или со сорче за режење на лози или со наметка како чувар на гуски.
Обичаите и верувањата поврзани со овој празник упатуваат на заклучок дека во неговата основа лежи некој голем претхристијански празник поврзан со првите пролетни активности, пред сè со обработката на градините и лозјата.