Македонија
28. September 2018 - 8:12

Денеска е Св. маченик Никита, беше фрлен во оган, но неговите мошти останаа цели

Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 15 септември.

Денеска е Св. маченик Никита.

Свети Никита по потекло беше Гот. Во негово време готскиот кнез Атанарик започна гонење на христијаните во својата област. Меѓу оние што не сакаа да се откажат од Христа се најде и овој свет маченик. Беше фрлен во оган и на тој начин погубен, но Бог така устрои неговите мошти сепак да останат цели. А нив ги зеде другарот на Никита, Ма¬ријан, и ги пренесе од готската земја (Влашка и Бесарабија) во областа Киликија во Мала Азија, во градот Мопсуест. Тука неговите чудотворни мошти беа положени во црквата подигната во негов спомен. А пострада и се прослави овој чудесен маченик во 375 година.

Свети великомаченик Никита, светител со голем култ во скопско 

На светиот великомаченик Никита голем храм му е изграден на падините на Скопска Црна Гора

Светата Христова црква празнува повеќемина светители со името Никита. Светиот великомаченик Никита, на кого му е изграден храм на падините на Скопска Црна Гора и чиј спомен се празнува следниот ден по Крстовден односно на 28/15 септември, живеел во четвртиот век. Се истакнал со ширењето на христијанството меѓу Готите коишто живееле по течението на реката Дунав. Кога во борбите меѓу неверникот и прогонувач на христијанството Атанарих и христијанинот Фритигери победил овој вториов, со помош на византијската војска, свети Никита држел испиративни говори за христијанството, а ги разобличувал неверниците особено Атанарих, со што многумина придобил за својата вера.

Но кога во подоцнежните борби победил неверникот Атанарих и воспоставил власт над целата готска земја започнал голем прогон на христијаните. Во тој прогон загинал и светиот великомаченик Никита.

Светото предание раскажува дека владетелот најпрвин се обидел да го одврати Никита од верата Христова, а кога во тоа не успеал го подложил на жестоки мачења. Но кога и со тоа не успеал наредил да го стават на клада. И меѓу пламените јазици Никита не се откажал од својот Бог. Тогаш душата ја предал на Бога, а телото останало недопрено од огнот. Телото било оставено непогребано и била издадена наредба никој да не смее да го погребе. Но се нашол некој негов пријател по име Марјан од Каликија кој решил пристојно да го погребе. Во една темна дождлива ноќ Божја светлина во вид на ѕвезда го одвела до телото на Никита. Го завиткал во чисто платно и го пренесол во Каликија, каде што го погребал во близина на својот дом.