Македонија
23. December 2015 - 13:35

Денеска е Преподобна Ангелина и Св. Јован Деспот

Преподобна Ангелина и Св. Јован Деспот 

Ќерка на албанскиот кнез Ѓорѓи Скендербег и жена на српскиот деспот Стефан. Заедно со нејзиниот маж претрпе прогонство и секаква горчина делејќи со него во Албанија, Италија и Србија. Своите синови, Максим и Јован, ги воспита во вистински христијански дух. По смртта на нејзиниот маж се замонаши и сосема се посвети на молитвата, на милосрдието и на изградба и поправка на црковни храмови. Народот и сега ја нарекува мајка Ангелина, што произлегува од нејзиното совршенство како сопруга, мајка и христијанка. Нејзините чудотворни мошти почиваат покрај моштите на нејзиниот праведен маж Стефан во Крушедол, заедно со моштите на нивните осветени синови Максим и Јован (доколку не се уништени од Турците). Се упокои во почетокот на 16 век. 

Светите маченици Мина, Ермоген и Евграф
 
Мина и Ермоген беа родум атињани. Обајцата живееја во Цариград, во голема чест кај царот и кај народот. Мина беше познат по неговата голема ученост и краснозборливост и однадвор се држеше како незнабожец, но во срцето беше христијанин. Ермоген беше цариградски епарх и се држеше за незнабоштвото и однадвор и однатре, иако беше милосрден и вршеше многубројни добри дела. Кога пламна некоја расправија меѓу христијаните и незнабожците во Александрија, царот Максимин го испрати Мина да го стивне метежот и да ги истреби христијаните од тој град. Мина отиде и воспостави мир, но се објави себеси како христијанин и мнозина незнабожци ги обрати во вистинската вера со силен збор и многубројни чуда. Кога слушна за ова царот го испрати Ермоген за да го казни Мина и да го задуши христијанството. Ермоген го изведе Мина на суд, му ги отсече стапалата и јазикот, му ги избоде очите, па го фрли во затвор. Во затворот на Мина му се јави Самиот Господ Исус, го исцели и го утеши Својот страдалец. Кога го виде Мина чудесно исцелен, Ермоген се крсти и почна на големо да ја проповеда Христовата вера. Го поставија и за епископ на Александрија. Тогаш разјарениот Максимин самиот отиде во Александрија и ги подложи Мина и Ермоген на големи маки, коишто тие, помагани од Божествената благодат, храбро ги издржаа. Гледајќи ја храброста на овие Христови војници и Божјите чуда што се извршија над нив, пред судилиштето се јави и Евграф, секретар и пријател на Св. Мина, возвикнувајќи му на царот: „И јас сум христијанин!“ Царот збесна, го исука мечот и го уби Св. Евграф. По ова овој нечестив цар нареди да ги убијат со меч и Светите Мина и Ермоген. Нивните свети мошти ги фрлија во морето, но тие на чудесен начин допловија во Цариград, каде што епископот, на кого му се јавија во сон, свечено ги дочека и ги погреба.

Преподобен Тома Дефуркин
 
Голем испосник, победник на демоните и проѕорливец. Царот Лав Мудриот му напиша писмо, а тој одговори без да го отвори царевото писмо. Се упокои во Господ во длабока старост во 9 век.

Светиот маченик Гемел
 
Чесен граѓанин на градот Анкира. Кога царот Јулијан Отстапник дојде во овој град, Гемел излезе пред него и јавно го изобличи за богоотстапништвото. За ова беше мачен и распнат на крст, во 361 година. Кога беше во маки на крстот, слушна глас од небото: „Блажен си ти, Гемеле!“