Македонија
13. March 2016 - 16:11

Денеска е Поклада или Прочка, од утре почнува големиот пост пред најголемиот христијански празник Велигден

Прочка претставува голем празник за македонскиот народ и со него се поврзани голем број обичаи и верувања.

Проштевањето е обичај востановен под влијание на црквата, додека огновите, гатањата, карневалите и сличните настани се остатоци од претхристијанските пролетни забави.

Токму таква беше атмосферата на зелен пазар каде неколку музичари со зурли и тапани ги развеселија присутните.

Прочка или Велики Поклади, спаѓа во најголемите христијански празници, според некои веднаш по Божик и Велигден. Овој празник доаѓа по неколкуте зимски празници како што се: Бадник, Божик, Водици, Св. Трифун и ги поврзува со поголемиот број пролетни празници.

Со Прочка почнуваат и долгите Велигденски пости, период исполнет со многу обичаи и верувања, со многу одречувања и надежи за пречек на Христовото воскресение.

Обичајот проштевање тргнува од христијанското сфаќање за помагање и проштевање меѓу луѓето. Се верува дека на овој ден и небото и земјата се проштеваат па тоа треба да го сторат и луѓето.

Понеделникот по Прочка се вика Чист Понеделник и тогаш започнуваат долгите Велигденски пости.

На овој ден се чисти куќата, особено се внимава садовите за храна да се измијат и испоснат од мрсното. Во минатото тоа се правело со брашно или пепел и со подолго вриење. Во врска со овој празник се и карневалите што се одржуваат во Струмица и Прилеп.