Македонија
14. October 2021 - 12:22

Ден на жалост во општина Радовиш

45 годишниот Зоран Мајсторски и 20 годишниот Драги Станишков се двајцата алпинисти кои вчера го загубија животот при чистење на силоси во рудникот Бучим во Радовиш. Нови детали за трагичниот настан засега нема. Од обвинителството само потврдија дека увидот продолжува и денес со присуство на техничка инспекција со рударски инженери. 

Според првичните информации кои обвинителството ги соопшти доцна синоќа до несреќата дошло при чистење на два силоси, високи по 25 метри, со дијаметар од 17 метри, во кој се складира руда. Починатите, жители на Радовиш, членови на алпинистичкото друштво „Плоча“, биле ангажирани со договор помеѓу две правни лица за специфична услуга за чистење на силосите полни со руда.

Обвинителството веќе издало и наредби за обезбедување на техничката документација за силосите, целокупната документација за ангажманот на алпинистичкиот клуб „Плоча“, правилниците за работа на работната единица Флотација. 

Погребот на посмртните останки на двајцата алпинисти ќе се изврши денеска на гробиштата во Радовиш.

Со одлука на советот на општина Радовиш денешниот ден е прогласен  за ден на жалот.