Македонија
18. August 2019 - 17:04

Демографска пустош во Источна Македонија - половина од жителите на село Блатец се иселиле

Истокот од земјата демографски опустошува. Еклатантен пример е виничкото село Блатец, кое од некогаш 2000 жители и инфраструктура на помало гратче, денес брои помалку од 1000 постојано население. Со затворањето на индустриските капацитети, започнува и миграцијата.

- Се затворија објектите и каде да одам, мора да бегаш-изјави Димитрија Атанасов, иселеник во Италија

Скоро и да нема семејство од кое младите членови на заминале во странство во потрага по егзистенција. Атанасов заминал во 93-тата година, а денес во Италија живее целото негово потесно семејство кое брои 9 члена.

- Ние сме двајцата со сопругата. Ќерката и зетот имаат две деца и другата ќерка има еден син. Сега ќе го водиме и внукот со нас- изјави Атанасов

 Селото заживува само во летните месеци.

- Цело лето е гужва од децата што се во странство. Ние ги викаме странци, што е жално. Тие не се странци. Велат, овде не викате странци, во Италија или било каде, и таму не викаат странци, значи ние немаме свој дом-изјави Николина Јанкулова, жител на село Блатец

Мештаните велат дека останале само оние кои не успеале да се иселат. Можеби тоа е и една од причините поради која во последните две години процесот на иселување од општина Виница стагнира.

- За разлика од последните 10 години, кога бројот на првачињата во општината се намалуваше за 10 до 15, годинава и минатата година од 150 до 160 дечиња се запишани во прво одделение-изјави Ивица Димитров, градоначалник на Виница

Конкретно, во селата Блатец, Липец и Лаки во претстојната учебна година ќе има вкупно 16 првоодделенци.