Loading Video...
Свет
25. јуни 2022 - 16:30

Делови од САД го забранија абортусот

Делови од САД го забранија абортусот. Милиони Американки нема да може да ја прекинат бременоста, откако Врховниот суд го поништи ова уставно право. Девет држави веќе воведоа конкретни закони со кои целосно го забрануваат абортусот, а се очекува наскоро и други да го сторат истото. Со новите закони жените ќе бидат принудени да патуваат стотици километри за да можат да абортираат во државите каде што правото на абортус се уште е заштитено. Американскиот претседател побара од парламентот да ги врати старите закони, коментирајќи дека со новите, САД се уназадува за 150 години. Ваквата пресуда предизвика демонстрации низ речиси сите градови, а големите компании понудија да им ги покријат патните трошоци на вработените кои сакаат да абортираат.

Две лица починаа, а повеќе од 20 се повредени во напад на геј клуб во центарот на Осло. Пукање имало и во околните улици. Осомничениот е уапсен неколку минути по почетокот на нападот, а норвешката полиција соопшти дека настанот го третира како терористички напад. Запленети се пиштолот и автоматското оружје на напаѓачот, а претрес е направен и во неговиот стан. Поради ова, организаторите на Парадата на гордоста го откажаа својот марш закажан за денеска.

Северниот пограничен регион на Украина, Чернигов беше под „масовно бомбардирање“ од територијата на рускиот сојузник Белорусија, соопшти украинската армија.Околу 5 наутро, 20 ракети, го гаѓаа селото Десна, а засега нема информации за жртви или повредени. Селото се наоѓа на 70 километри северно од Киев. Нападите доаѓаат кога рускиот претседател Владимир Путин се сретна со неговиот белоруски колега и близок сојузник Александар Лукашенко во Санкт Петербург.