Македонија
30. August 2021 - 16:45

Дел од интерните клиники станаа ковид центри - на удар младите пациенти

Кожно, делови од Нервно и Кардиологија повторно стануваат Ковид Центри. Дали ќе се повтори мартовската слика во Клинички кога немаше место за тешко болните? На Инфективна и во Институтот за ТБЦ веќе неколку дена  нема слободни кревети. Повеќе од половина од капацитетите се исполнети и во ГОБ 8 септември  каде деновиве ќе пренаменат нов оддел за приеми на заразени. Во моментот во главниот град на болничко лекување има 369 пациенти. Вкупно во државата хоспитализирани се 1053 лица поради компликации од вирусот, а пролетта оваа бројка надмина 1700.

-Се надевам дека нема да го достигнеме оној врв , што го имавме оваа пролет, меѓутоа верувам дека во овој момент не може со точно да се каже дали сме го достигнале врвот и уште колку пациенти ќе дојдат во интерните клиники, изјави за Сител проф.д-р Дејан Докиќ, координатор на Ковид центрите во Клиничкиот центар.

За разлика од претходните бранови, сега многу помлади завршуваат во болница. Речиси сите хоспитализирани се на кислородна поддршка поради ниска сатурација.

-Сега се гледаат и пациенти на 30 и 40 години, за разлика од претходните бранови кога ваквите пациенти беа навистина ретки. Во однос на клиничката слика таа е доста слична, разликата е што сега имаме помалку затнување на  носот со губење на мирис и вкус, но домини9раат кашлицата и пациенти со температура 37.5, значи класична вирусна симптоматологија, вели професорот Докиќ.

Според професорот Докиќ најголем дел од хоспитализираните пациенти поради компликации од Ковид се со претходни коморбидитети меѓу кои доминираат високиот притисок, дијабетесот, кардиоваскуларни, онколошко-хематолошки и бубрежни заболувања.