Македонија
26. September 2022 - 16:34

Дел од болниците се уште бараат ПЦР тест пред операција

Без задолжителен ПЦР а не брз антигенски тест за Ковид-19 нема хируршки интервенции во одредени болници. Во време на економска криза здравствени установи ги изложуваат на дополнителен трошок пациентите кои од свој џеб даваат од 1500 до 2000 денари за да докажат дека се негативни на вирусот и тоа ден пред операцијата. Иако уште пред неколку месеци Комисијата за заразни болести даде препорака за поевтините и побрзите тестови, советите не ги почитуваат сите.

- Ние пред два три месеци дадовме препорака за брзите антигенски тестови за дијагностички процедури каде постои ризик да се шири инфекцијата и не знам зошто не ги практикуваат сите. Секако не мора да ја почитуваат препораката на КЗБ бидејќи ние сме советодавно тело, но ова е во интерес на граѓаните за побрз и поевтин начин до одредени процедури, вели д-р Злате Мехмедовиќ, портпарол на КЗБ.

Препораката на Комисијата во месец мај беше самите здравствени установи, кои имале залихи од брзи антигенски тестови да ги користат во било кое време за граѓаните воопшто да не плаќаат. Но тоа е реткост бидејќи на клиники признаваат брз тест што го платил пациентот а негде тој резултат воопшто не го признаваат.

Што се однесува до посетите во болниците од Комисијата велат дека тие и понатаму ќе бидат забранети во домовите за стари лица бидејќи покрај ковидот доаѓа сезоната на грип што ќе биде дополнителна закана за најранливите категории.