Свет
30. March 2017 - 13:46

Дејвид Камерон го брани своето решение за организирање референдум за ЕУ

Поранешниот британски премиер Дејвид Камерон, првпат, јавно го бранел своето решение да се организира референдум за ЕУ, но за тоа не зборува во Британија, туку во Украина, пишуваат лондонските медиуми.

На едно предавање во Киев, Камерон рекол дека се одлучил идните британско-европски односи да се определат на референдум, затоа што прашањето за тоа дали Британија треба да биде дел од ЕУ, или да биде надвор од Унијата, ја „труело британската политика“ со години на ред.

- Имавме референдум и резултатот не беше онакав каков што јас поскавував да биде. Но резултатотот е убедлив, па сега новиот премиер Тереза Меј има право да ги презема натамошните чекори за реализирање на одлуката на мнозинството гласачи, рекол Камерон.

Веднаш по соопштувањето на референдумските резултати, на 24 јуни минатата година, Камерон поднесе оставка на премиерската функција и на позицијата лидер на Конзервативната партија, само 13 месеци по уверливата победа на параламентарните избори на кои обезбеди втор мандат за себе и за неговите ториевци.

Набргу потоа, тој се повлече и од пратеничката функција и од политичкиот живот во Британија.

Во кампањата за референдумот за ЕУ, Камерон и сите министри, меѓу кои и сегашниот премиер Меј, освен петмина други, агитираа за останување на Британија во ЕУ, инсистирајќи дека тоа има витално значење за британската економија и за позицијата на земјата во Европа и светот.

Активистите против Брегзит и во текот на референдумската кампања, а и сега, го обвинуваат Камерон за „историска грешка“ што организираше референдум за излез од ЕУ кога тоа никој не го бараше од десницата и од евроскпетиците во неговата партија, освен антиевропската, крајно десничарска и популистичка Партија за независност на Обединетото кралство (УКИП), која заговараше излегување од ЕУ и „повторно ослободување“ на Британија.

- Камерон самоуверено и арогантно веруваше дека лесно ќе победи, користејќи го референдумот како орудие за да се совлада десницата во неговата партија и стравот дека УКИП ке ги преземе евроскептичните гласачи, па затоа и доживеа пораз кој ја носи Британија во неизвесност- забележуваат критичарите на Брегзит и приврзениците за останување на земјата во ЕУ.