Македонија
10. October 2018 - 17:40

Деца во градинка затворани во шкаф за да се смират - раководството го истражува случајот

Непослушните стојат во шкаф или пред него. Вака негувателките во градинката Буба Мара во Ново Лисиче ги смируваат децата, тврди Маја Герогиева – Павловски. Таа не сакаше да говори пред камерата на Сител но во телефонскиот разговор објасни дека нејзината три годишна ќерка ја информирала за начинот на воспитување во установата. Вели дека и други родители знаеле за случајот бидејќи тоа го пишувале во заедничка порака на социјалните мрежи.

Директорката на градинката, Елена Устамитова, вели дека по реакцијата на родителите е спроведена истрага. Објаснува оти според протоколот на градинката, случајот ќе се истражува еден месец по што ќе ја информира јавноста дали некои вработени ќе се казнат.

Случајот со градинката во Ново Лисиче го истражува и ресорното министерство. Од Труд и Социјала велат дека е направен инспекциски надзор по допис од родител но не откриваат дали се утврдени неправилности во работата на негувателките. Го задолжиле раководството на градинката да утврди одговорност.

Доколку се потврди веродостојноста на случката, сите одговорни ќе бидат веднаш санкционирани, се вели во известувањето од труд и социјала.

Од општина Аеродром очекуваат случајот да се расфетли по завршување на истрагата.

Според податоците од труд и социјала во изминатиот период постапувале по 10-тина пријави од родители на деца кои престојуваат  во градинка. Најчесто се жалеле на односот на негувателките.