Свет
19. August 2016 - 12:06

Дебора Ли Џејмс: САД не гледаат причина за преместување на нуклеарното оружје од Инџирлик

Американскиот министер за военовоздухопловни сили Дебора Ли Џејмс изјави дека и покрај појавената вознемиреност по спречениот обид за преврат во Турција, Вашингтон не гледа потреба за преместување на нуклеарното оружје од турската база Инџирлик, информира весникот „Акшам“.

Во Инџирлик има нуклеарно оружје. Ова оружје е на безбедно и заштитено место. Сигурни сме во тоа, посочи Дебора Ли Џејмс. Таа истакна дека тензиите меѓу Анкара и Вашингтон нема да го засегнат нуклеарното оружје.

-Турците се наш сојузник. Ние сме со нив. Тие поседуваат ефикасна военовоздухопловна сила. Инџирлик е многу важна база, додаде американската министерка.

Отстранувањето на многу лица од армијата, според неа,  е вознемирувачка појава.

-Ќе треба време додека на нивно место дојдат нови имиња. Ќе треба да почекаме и да видиме, додаде таа.