Македонија
12. November 2015 - 12:31

Дебата за вклученоста на жените во политиката во Македонија

Политичката вклученост на жените во Македонија е ограничена и жените се нееднакво застапени во политичката арена на локално и национално ниво, беше порачано на денешниот работен состанок „Жените и политиката: Вклученоста и влијанието на жените во политиката во Македонија“ во организација на Платформата за родова еднаквост и канцеларијата на Фондацијата „Фридрих Еберт“.

Претставничката на Платформата за родова еднаквост Снешка Илиќ, нагласи дека родовата еднаквост се уште се смета како женска работа, односно мажите не се вклучени во реформите на државата.

- За зголемување на влијанието и на учеството на жените во политичките процеси може да помогне алокација на финасиски средства на политичките партии на самите женски ограноци, зајакнување на родовите механизми со финансии и човекови ресурси, како и поттикнување на жените преку разновидни обуки, порача Илиќ.

Тања Томиќ, поранешна пратеничка и основачка на веб порталот еднакви.мк, истакна дека реалната вклученост на жените во политиката на највисоките одлучувачки места е навистина мала.

- Од 20 министри во моментот има две министерки, што претставува само 10 проценти од функциите во Владата. Додека, од 85 градоначалници има само четири, што покажува дека онаму каде што нема квоти застапеноста на жените на одлучвачки позиции е занемарливо, рече Томиќ.

Дамјан Здравев од „Реактор“ ги презентираше наодите од студијата „Жената во политиката: Патот до политичките функции и влијанието на локално ниво“, спроведена минатата година со помош на Француската амбасада и Националниот демократски институт, а во која се вклучиле околу 430 поренешни и сегашни советници и советнички.

Според истражувањето, порача тој, жените советнички имаат повисок степен на образование од мажите. Околу 65 проценти имаат универзитетски дипломи, додека само 45 проценти од мажите, а 70 проценти од жените вклучени во политиката на локално ниво се експерти, научници или едукатори.

Постојат два начини за решавање на проблемот на жените со двојниот товар на обврски и дома и на работа. - Едниот начин е државата системски да понуди сервиси и модели кои ќе им помогнат на жените да ги балансираат приватните и домашните обврски, но и политичките партии да развијат сензибилитет и да креираат услови кои што ќе помогнат на жените наспроти домашните обврски да учествуваат во политичките процеси, рече Здравев.

Ново на Сител