Свет
11. September 2015 - 12:42

Дебата во британскиот Парламент за озаконување на „правото на смрт“

Пратениците во британскиот Парламент расправаат денеска околу предлог-законот за „правото да се умре“ за пациенти, кои се возрасни и неизлечиво болни.

Станува збор за тоа, да им се дозволи на ваквите пациенти да можат го прекинат својот живот, надгледувани од лекар и медицински лица.

Предлог-законот, како лична иницијатива го направи лабуристичкиот пратеник Роб Марис, а Парламентот прифати за тоа да се води дебата и да се гласа.

Со предлог-законот се предвидува пациентите на кои им остануваат уште шест месеци живот, да може да добијат смртоносна доза од некој медикамент (обично препарати за успивање).

Двајца лекари и еден судија на Вишиот суд, претходно, ќе треба да го одобрат ваквиот начин на „помош при самоубиство“, откако ќе утврдат дека пациентот навистина има уште шест месеци живот, дека нема  друга можност за лекување или продолжување на животот, како и дека е ментално здрав.

Предложениот законски текст, ја отфрла можноста со „правото за смрт“ да се стекне пациент кој не е неизлечиво болен или ако е заболен од деменција.

Ова е првпат по безмалку 20 години, како британските пратеници расправаат за евтаназијата, иако предлагачот на законот и неговите подржувачи тврдат дека не станува збор за озаконување на евтаназијата, туку за правото на луѓето на достоинствена смрт кога веќе нема никакви изгледи за нивно излекување.

Во британската јавност веќе подолго време се води остра полемика околу помагањето при самоубиство, откако беше обелоденето дека повеќе од 150 Британци заминале во швајцарската устанува „Дигнитис“ за да си го одземат животот со асистенција на лекар, придружувани на тој пат од некој близок или роднина, а при тоа никој досега не е повикан на одговорност.

Според сегашните закони, евтаназијата е забранета, а помагањето при самоубиство претставува кривично дело за кое оној што е вклучен во тоа на било кој начин, може да добие затворска казна до 14 години.

Правни експерти објаснуваат дека сите оние кои ги придружувале Британците кои извршиле самоубиство во „Дигнитис’ во Цирих, го прекршиле законот и треба да бидат обвинети и осудени, без разлика дали ги охрабрувале и поддржувале тешко заболените пациенти да си ги одземат животот или пак само патувале со нив до Швајцарија или дури им обезбедиле авионска карта за патувањето.

Никој досега во Велика Британија не е обвинет или осуден за тоа иако некои од оние кои ги придружувале „самоубијците“ до Цирих јавно признаа дека го направиле тоа.

Приврзениците на помагањето при самоубиство во определени ситуации сметаат дека онака како што постои право на живот, луѓето имаат и право на смрта и посебно на тоа таа да биде достоинствена и без измачување и трауматизирање.

Противниците, пак, сметаат дека лекарите се обврзани да се борат за животот на пациентот до последниот момент, објаснувајќи дека евтаназијата и правото на помагање при самоубиство може „опасно да се злоупотребува“.

Надбискупот од Кантребери остро се спротивстави на предложениот законски текст и ги повика пратениците да го отрфрлат.

Премиерот Дејвид Камерон не учествува во денешната дебата и нема да гласа. Претходно тој изјави дека  „не е уверен од  потребата од еден ваков закон“, определувајќи се против мерки кои би значеле озаконување на евтаназијата.