Дебата „Роми 2015, Роми 2020, Роми...?“
Потребна е вистинска промена во секојдневниот живот на Ромите преку поголем ангажман за подобро интегрирање на ромската заедница во општеството, порачаа учесниците на денешната дебата на тема „Роми 2015, Роми 2020, Роми....?“, одржана во ЕУ Инфо центарот, по повод 10-годишното работење на здружението Националниот ромски центар (НРЦ).
- НРЦ денеска испраќа порака до домашните фактори и релевантни институции и граѓаните дека ние сме Македонија. Во нас е иднината на нашите деца и можноста за подобрување. Меѓутоа за реализирање на сето тоа е потребна позитивна атмосфера. Позитивни погледи за приближување до сите меѓународни стандарди, прилагодени со домашните регулативи, бидејќи ако Ромите се конститутивен народ тогаш треба да ги уживаат подеднакво сите права како и сите, порача Ашмет Елезовски, извршен директор на НРЦ.
Резултатите од нашата работа покажуваат, рече Елезовски, дека Ромите се дел од оваа татковина. Ромите се дел од овој процес. Но, потребен е поголем ангажман за запирање на зголемената дискриминација и расизам.
- Сиромаштијата не засега сите без разлика на верската и национална припадност, но сето тоа може да се надмине доколку има волја, одговорност и ангажираност. Потребно е дејствување и ширење на позитивни пораки и развој на дијалог и комуникација бидејќи бариери има многу, порача Елезовски на отворањето на дебатата „Роми 2015, Роми 2020, Роми....?“.
Преставникот на Делегацијата на ЕУ во Скопје, Мауро ди Вероли, упати честитки на Националниот ромски центар за десетгодишната активност и постигнатите успеси, и за имплементираните над 50 проекти во десет години во клучни сектори за инклузивност на ромската заедница, како домување, регистрација, образование и социјална помош.
- Низ Европа Ромите се уште се соочуваат со лоши услови за живеење, како и исклучување и дискриминација. Потребно е подобро интегрирање на ромските заедници. За постигнување вистинска промена во секојдневниот живот на Ромите е потребно дејствување на локално, регионално и европско ниво. За таа цел ЕУ изработи рамка за акција, барајќи од земјите членки и кандидати национални стратегии за вклучување на Ромите. Никаква промена не е можна без активно учество на Ромите, што е главен услов за успех, рече Мауро ди Вероли, додавајќи дека во периодот од 2007 до 2014 ЕУ има обезбедено повеќе од седум милиони евра за проекти за инклузија на ромската заедница.
Специјалниот известувач за малцински права на ОН, Рита Исак, во специјално подготвен говор за настанот, порачува дека меѓународните и регионални организации, државите, цивилниот сектор, независните експерти и истражувачи е неопходно да ги здружат напорите за правата на Ромите да станат реалност, а не да останат само на хартија.
- Како Роми имаме потреба повеќе млади Роми со завршено средно училиште и кои ќе влезат на факултет. Како НРЦ, треба да ја зголемиме нашата работа и оствариме видливи резултати во борбата против дискриминацијата и образовните бариери за Ромите, како и дискриминацијата на пазарот на труд, истакнува Џад Ниренберг, претседател на Бордот на Национален ромски центар (НРЦ), во неговата изјава што беше прочитана на дебатата.
Националниот ромски центар е основан во 2005 година. Како организација се залага за инклузија и еднакви можности на Ромите. Досега има имплементирано 53 проекти, од кои девет за образование со 9.500 директни корисници, пет за репродуктивно здравје на жени Ромки со вклучени 1.500 луѓе и 24 за човекови права, институционална поддршка, проекти за оспособување на Ромите и подобро информирање за Роми.
Дебатата е организирана со поддршка од Канцеларија за ромски иницијативи и програмата Европа за граѓаните на Европска унија. Целта на дебатата е да даде осврт на политиките и практиките кои се преземаат за прогресивна реализација на економски, социјални, културни и граѓански права на Ромите во Македонија.
Ново на Сител
-
Сител сторија: Дивите депонии во Преспа го загрозуваат здравјето на жителите – како до решение?
-
М. Брод останува една од најеколошките општини - повторно целосно возобновена пречистителната станица
-
Доцнат дрвата за огрев за штипските пензионери
-
Минималната дневница во земјавата колку 1,5 час работа во Германија
-
Тема на денот со Стефан Андоновски, министер за дигитална трансформација
-
Преглед на вестите од светот
-
Мицкоски: Брз електронски попис и една изборна единица
-
Муцунски: Софија е влезена во многу опасен наратив