Ракомет
3. November 2016 - 20:04

Давид Дејвис Камара именуван за тренер на ЖРК Вардар

Пред натпреварот од 4.коло во Лигата на шампионите против Астраханочка, македонскиот ракометен првак ЖРК Вардар, го промовираше Давид Дејвис во нов тренер на „црвено-црните“.

Помошникот на Раул Гонзалез од машката екипа и лани во пролетниот дел од сезоната, работеше во женската екипата, но како помошник на Индира Кастратовиќ. Сега управата на клубот реши да му ја даде целосната доверба во водењето на тимот, а саботниот меч во Скопје ќе биде негово прво деби како главен тренер.

На клупата со него ќе остане и Ацо Станковски, кој ќе биде помошник тренер.

- Активно работевме да најдеме нов тренер. Мислам дека добро ја завршивме работата на терен и сакам да им заблагодарам на Едуард Кокшаров и на Ацо Станковски. Со Астроханочка може не изгледаше толку добро, но таму влијаеја и други работи. Имавме и последици, Барбара Лазовиќ се повреди и мислам дека и тоа влијаеше на нашата игра. Важно победивме и освоивме бодови. Според мене ова е најдобро решение за нашиот клуб. Ви кажав и на претходниот прес, Давид многу добро работеше. И ова е најдобро решение од било кое друго. Од понеделникот тој почна да работи со екипата, изјави Сергеј Самсоненко, сопственикот на клубот.

За Дејвис главен приоритет ќе биде женската екипа и пласманот на Ф4 турнирот во Будимпешта. Доколку има време ќе му помага и на Раул Гонзалез во машкиот тим, но првенствената задача ќе биде да го води женскиот тим.

- Му благодарам на клубот и Сергеј Самсоненко за укажаната доверба затоа што мислам дека лани завршивме добра работа и очекувам дека така ќе продолжиме. Имаме нови играчи кои го засилија нашиот тим и се надевам дека ќе бидеме уште подобри. Имавме голема пауза од четири месеци затоа е потребно време полека да се вратиме во форма. Ние оваа недела се подготвуваме за Астраханочка која е млада екипа и игра многу грубо, но квалитетот е на наша страна. Мораме да победиме дома не само на овој туку на сите натпревари. Нè чека многу работа и одиме чекор по чекор. За крај сакам да му се заблагодарам на Раул Гозалес за сета помош и поддршка. Заедно сме веќе 18 години прво како ракометари, потоа тој стана тренер, а кога ја завршив кариерата му станав помошник, истакна Давид Дејвис.

Дуелот против Астраханочка се игра во петок со почеток од 17:30 часот во СЦ „Јане Сандански", а тоа воедно е последниот домашен меч за вардарки сезонава во групната фаза.