Македонија
30. September 2024 - 16:37

Даути повторно одбива да го стави Законот за бранители на дневен ред

Пропадна уште еден обид Законот за бранители да се најде на дневен ред на матичната комисија. Претседателката Илире Даути повторно не дозволи пратениците да се изјаснат дали за предлог-законот воопшто треба да се дискутира.

Пратениците од СДСМ бараа тој да биде вметнет на дневниот ред, но Даути се правда - поминало времето.

-Барам предлог-законот за посебните права на припадниците на безбедносните сили на Република Македонија, членовите на нивните семејства поднесен од пратеничката Славјанка Петревска да биде ставен како точка на дневен ред, вели пратеничката Јована Тренчевска.

-Според Деловникот со кој ние работиме поминаа сите временски рокови и вие знаете дека таа точка е предложена на 11-ти, и од тој ден до денеска поминаа повеќе дена и рокот беше од 6 до 24 часа кога можев да го додавам, вели Илире Даути.

Пратениците од власта велат, самоволието на Даути нема да биде толерирано. Пратеничката Ели Панова најави интерпелација ако пратеничката Даути од Алијанса на Села не го стави на дневен ред.

-Тоа што сте претседател на оваа Комисија не ви дава вам за право своеволно да го толкувате Деловникот на Собранието и да не дозволите одредена точка да биде ставена на дневен ред. Ако сите се држиме до Деловникот тогаш и вие имате обврска да се држите до Деловникот. Во спротивно ние ќе повикаме на ваша оставка и на ваша понатамошна одговорност затоа што самоволието во ова Собраниео повеќе нема да биде дозволено, вели Панова. 

За пратениците Албанци спорно е што во Законот не се вметнати припадниците на УЧК.

-Таков закон нѐ враќа во времето и во 2001-та. Во тој конфликт имаше две страни, вели Даути.

-Охридскиот договор е мировен договор помеѓу сите страни и ние треба да ги имаме предвид сите граѓани во оваа држава кога носиме еден ваков закон треба да ги инкорпорираме сите. Кога велам сите, освен припадниците на државните сили тука треба да се инкоропорираат, односно вметнат и припадниците на ОНА. 

Предлог-законот го поднесе СДСМ, но доби поддршка да се проследи во собраниска процедура и од владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Но Даути одбива да закаже комисиска расправа.Тоа не го прави ниту собранискиот спикер Гаши.