Македонија
16. September 2015 - 15:45

Дарковска Серафимовска: Биосимилар хормонот за раст е делотворен, ефикасен и безбеден

Биосимилар хормонот за раст е лек биосличен со оној на американската фармацевтска компанија „Фајзер“ и е делотворен, ефикасен и безбеден. Се работи за лек кој е пет години на европскиот пазар и е регистриран и во Австралија и Америка. 

Ова денеска го истакна директорката на Агенцијата за лекови и медицински средства на Република Македонија, Марија Дарковска Серафимовска, одговарајќи на новинарско прашање по прес-конференцијата по повод одбележувањето на првата годишнина од трансформацијата на Бирото за лекови во Агенцијата за лекови и медицински средства.

Од Здружението на родители на деца со ендокринолошки заболувања на Македонија „Раст“ вчера укажаа дека се соочуваат со проблем поради можноста за воведување лек од групата биосимилар. Бараат децата со нарушен раст да продолжат да се лекуваат со исклучително квалитетната и редовна терапија, присутна кај нас и во светот повеќе од 20 години.

Според Дарковска Серафимовска, станува збор за биосличен лек кој ги покрива истите индикациски подрачја како и претходниот лек.

Посочи дека како Агенција најодговорно тврдат дека се грижат за квалитетот, сигурноста и безбедноста и ја гарантираат за секој лек кој се наоѓа на пазарот. 

- Лекот е регистриран во Европа со централизирана постапка што значи го има секаде на ниво на територијата на Европа и е пет години на европскиот пазар, а е регистриран и во Австралија и Америка. Кај нас првпат е регистриран во декември 2014 година. Во својот состав содржи иста активна супстанца со ист АТС код. Не се работи за лек кој е нов и не е воведен. Првпат е регистиран во 2009 година надвор од Република Македонија и веќе го има во промет и го даваат на деца во државите од ЕУ и надвор од неа, посочи Дарковска Серафимовска.

Појасни дека кај биосличните лекови не постои автоматска замена, но право на лекарот е да донесе став дали ќе го употреби биосличниот хормон за раст.

- Не се мешаме во изборот на лекарот, меѓутоа гарантираме дека ова што е на пазарот е идентично и ги покрива истите индикациски подрачја како и лекот оригинатор на „Фајзер“. Не се работи за нешто што првпат се пушта во Македонија. Такви лекови од сега натаму ќе има многу повеќе затоа што поминува патентната заштита на биолошките лекови, на оригинаторите и се повеќе на пазарот ќе се има биослични лекови кои по централизирана постапка ќе имаат докажана сигурност, ефикасност и безбедност, додаде Дарковска Серафимовска.