Ракомет
29. January 2023 - 11:59

Данска и Франција во борба за шампионскиот трофеј

На Светското ракометно првенство останува да се одиграат уште четири натпреварите меѓу кои и оние за медал. 
 
Во „Теле 2 Арена“ во Стокхолм вечерва селекциите на Данска и Франција ќе се борат за шампионската светска титула. 
Тоа ќе биде нивна петта меѓусебна пресметка во финалните натпревари на големите натпреварувања на кои се решава шампионот. 
 
Данска е актуелен светски првак и со низа од дури 27 натпревари без пораз. 
 
За Данците вечерашното финале ќе биде вкупно шесто. На досегашните пет, имаат три порази и две победи, но сега и ретка можност да станат првата земја која три пати во низа го освојувала златото на Мундијалот, откако тоа им успеа на претходните две првенства во 2019-та и 2021-година.
Финалиња на Данска
Чехословачка - Данска 14-11 (Шведска, 1967)
Франција - Данска 37-35 (Шведска, 2011)
Шпанија - Данска 35-19 (Шпанија, 2013)
Данска - Норвешка 31-22 (Данска, Германија, 2019)
Данска - Шведска 26-24 (Египет, 2021)
 
За Франција која е актуелен олимписки шампион, вечерашното е осмо финале, во кое „триколорите“ ќе атакуваат на седмата титула, откако на претходните загубија само во првото 1993 година од Русија. 
Финалиња на Франција
Русија - Франција 28-19 (Шведска, 1993 година)
Франција - Хрватска 23-19 (Исланд, 1995)
Франција - Шведска 28-25 (Франција, 2001)
Франција - Хрватска 24-19 (Хрватска, 2009)
Франција - Данска 37-35 (Шведска, 2011)
Франција - Катар 25-22 (Катар, 2015)
Франција - Норвешка 33-26 (Франција, 2017)
 
Французите најавуваат дека следните Олимписки игри во Париз 2024 година сакаат да ги дочекаат со двојна круна. 
 
Ќе биде ли така останува да видиме по финалниот меч од 21 часот, чиј почеток ќе го означат македонските судии Начевски и Николов кои ја добија честа да го судат ова финале, кое за нив е трето на големите натпреварувања, откако во 2020-тата година го судеа финалето на Европското првенство во, а следната 2021-ва ја делеа правдата во финалето на Олимписките игри во Токио.
 
Претходно (од 18 часот) во дуелот за  бронзата ќе играат Шведска и Шпанија. 
 
Денеска се играат и дуелите за пласман на 5.место Германија - Норвешка, односно 7.место Египет - Унгарија.