Македонија
3. October 2020 - 16:34

Дали властите се загрижени од бојкотот и најавите за непочитување на мерките во некои училишта?

Училиштата кои на своја рака ќе одржуваат настава со физичко присуство може да бидат санкционирани. Министерката Царовска за случајот со средношколците во Дебар рече дека тоа е еднострана одлука на директорот на училиштето, но градоначалникот ја уверил оти наставата нема да се следи во училишните клупи.

Царовска вели дека во моментот ниту едно училиште не ја бојкотира наставата, туку станува збор за поединци ученици. Се бара и модел преку кој ќе се дополнува недостатокот на знаење што ќе се појави кај некои ученици.

-Дали ќе одлучиме за летниот период да имаат некои часови, дали ќе одлучиме во наредната година да имаме дополнување на часовите кај оние ученици кај кои ќе се јави недостаток на знаење ќе се договориме со Бирото за развој на образованието. Но, сега е важно учебната година на начин како што е поставен и секако со проценките од страна наставниците и директорите да видиме дали имаме потреба некаде од дополнителна настава, рече Царовска.

Прашањето за целодневната настава се уште останува отворено бидејќи ниту Царовска, ниту првиот човек на ЗЕЛС, Шилегов не знаат во колку и во кои општини ќе има таква опција

-Голем дел од општините се организираат. Кога ќе го имаме точниот податок ќе го споделиме со јавноста, рече Царовска.

-Тоа се дата бази кои што секое училиште, не по основ на општина, туку на училиште се доставуваат до МОН. Не би можел сега да ви дадам прецизен одговор колку општини, сепак треба да ги посматраме како 1.400 училишта, рече Шилегов.

Студентите кои на факултет ќе следат предавања со физичко присуство наскоро ќе се вселат во студентските домови, но со посебни протоколи. Во моментот има 466 слободни места, но побарувачката може да се зголеми ако факултетите го променат начинот на изведување на наставата.