Дали со штрајкот на вработените во фондот се заканува крах на здравството?
Граѓаните во понеделник нема да можат да поднесат документи во подрачните на Фондот за здравство за исплати на породилно, останати боледувања и медицински помагала поради најавениот штрајк на вработените во ФЗО. Ќе се услужуваат само итните случаи за осигурување на малолетно лице или хоспитализиран пациент како и за лекување во странство, најавија од Синдикатот. Ваквата ситуација со штрајкот може доведе до крах на здравствениот систем. Ќе доцни платата на сите вработени во јавното здравство, капитацијата за матичните и специјалистите. Пензионерите и невработените можат да останат без здравствено осигурување, ако од финансии не префрлат пари. Клиниките нема да имаат пари за лекови и останати медицински материјали, а штрајкот ќе се одрази и врз работењето на аптеките.
Матичните лекари чекаат насоки од Фондот што ќе биде со пациентите кои идната недела имаат закажано на Комисија за продолжено боледување поради сериозно заболување.
-Тоа е се со рокови, со датуми и секогаш по правилникот на фондот боледување до 15 дена дава матичен, а над 15 дена Комисија на Фондот составена од тројца лекари и правник. Имаме луѓе со малигнитети кои цела година треба да примаат терапија, тоа се и млади особи кои работат во фирми, за да не се случи нешто се надевам Фондот ќе ни даде насоки како да постапуваме и ние и фирмите во однос на овој проблем, изјави д-р Лилија Чолакова Дервишова, претседател на ЗПЛРМ.
Според информации на Сител од Фондот сите веќе закажани Комисии за продолжено боледување ќе работат од понеделник и граѓаните ќе бидат услужени за да не останат без работа и пари.
Побаравме став и од директорите на ФЗО како ќе функционира институцијата поради штрајкот. Од таму велат дека истиот е регуларно најавен и е законско право. Нема да има прекин во услугите и предметите за итни случаи, но потврдуваат дека цело јавно здравство може да остане без плата која вообичаено ја добиваат до 10-ти во месецот.
-Работните активности ќе се организираат на начин да се минимизираат евентуалните непријатности за сите засегнати страни , тука се секако осигурениците, ПЗУ, ЈЗУ и сите други засегнати страни. Платите на вработените во ЈЗУ се исплаќаат преку трезорот на ФЗОРСМ, па поради донесената одлука за штрајк можно е одредено задоцнување на истите, одговорија од менаџментот на Фондот.
Инаку матичните лекари даваат целосна подршка на вработените во Фондот кои се одлучија за штрајк поради предлогот на Владата за намалување на платите за 21 отсто. Ова не е стапено на сила зошто одлуката треба да ја донесе Управнот одбор на ФЗО кој веќе на седум седници не може да обезбеди мнозинство за ова од 4 члена.
-Навистина е деградирачки чинот за намалување на платите и дестимулативно во однос на нивната работа и е домино ефект ако почне така секторско намалување во ситуација кога владата си покачува плати за 78 %. ЗПЛРМ дава целосна подршка на вработените во фондот, изјави д-р Чолакова Дервишова.
Синдикатот донесе одлука за штрајк поради како што тврдат вработените во ФЗO и досега земале пониска плата од сите сродни институции, една четвртина имале месечни примања под минималните, а исто толку добивале минимална плата.
-
Александар Динев
Сите содржини од овој новинар