Македонија
22. November 2018 - 16:09

Дали се топи двотретинското мнозинство во парламентот?

Се топи ли двотретинското мнозинство на премиерот Зоран Заев за промените на Уставот откако се погласни се пратениците од независната група на ВМРО-ДПМНЕ дека последните притвори на ексфункцинерите Мијалков, Јанакиески, Божиновски штетат на процесот? Според овие 8-мина пратеници, сега уставните измени согласно договорот од Преспа зависат од содржината на законот за амнестија. 

Патеникот Крсто Мукоски, еден од обвинетите за настаните од 27 април и дел од групата вели дека притворањето на Мијалков не оди во прилог на процесот на помирување.

 „ За тоа дали нешто ќе менуваме во однос на нашиот став за промени во Уставот засега не сакам ништо да коментирам. Наскоро ќе имаме и состанок на пратеничката група и ќе го соопштиме нашиот став. Ние подготвуваме и наш предлог за наредниот состанок на собраниското Координативно тело за помирување, кое деновиве треба да се состане“, вели Мукоски за еден интернет портал.

Собраниското тело утре треба да има состанокот со првичните предлози за помилувањето, кое според идејата на власта треба да биде скалесто. Доколку изгуби гласови од оние 8-мина кои првично му дадоа шанса да ги отвори уставните измени, на Заев му останува опцијата да го зацврстува и проширува мнозинството со нови пратеници од ВМРО-ДПМНЕ.

И нив ќе треба да ги убедува со закон за амнестија, но и со прифаќање на нивни предлози во амандманите на Уставот. Владата даде негативно мислење на законот за целосна амнестија на ВМРО-ДПМНЕ, но тој е на собраниска седница во понеделник.

Според министерот Оливер Спасовски, власта ќе има доволно гласови за уставни измени.

Ниту една политичка одлука не може да терминира било која кривична постапка која ја имаме.

Очекувам дека Собранието ќе работи како и досега, пред се имајќи ги предвид интересите на државата и дека ќе се заврши процесот на изгласување на уставните амандмани, а со тоа да биде гарантирано и членството во НАТО И ЕУ. 

Процесот што се води во судот, треба да си продолжи понатаму.

Ако сакаме да напредуваме, тогаш правдата мора да ја има и да биде достапна за сите, дециден беше Спасовски. 

Нацрт-амандманите за кои сега се потребни само 61 глас се на седница на 1 декември.