Македонија
10. February 2021 - 21:17

Дали регистрирањето на вакцинација.мк значи термин и предност за антиковид вакцина?

Отстранет е безбедносниот код од сајтот вакцинација.мк, што се чекаше и по неколку часа за регистрација во системот. Откако создаде сериозни потешкотии и буквално ја блокираше платформата, техничкиот проблем е отстранет и сега интернет страната е во функција, без потреба за внесување код за потврда.

Од Министерството за здравство информираат дека пријавувањето на вакцинација.мк претставува единствено изразување волја за вакцинација. Но, тоа не значи и резервиран термин. Не важи ниту правилото „прв пријавен-прв услужен”.

Со внесување на личните податоци на сајтот, системот „Мој термин” само ги евидентира граѓаните кои имаат желба да се вакцинираат, а истото може да го сторат и доколку се пријават преку матичните доктори.

Дури потоа, според критериумите за приоритетност од Националниот план, ќе се одредат конкретните термини за вакцинација преку системот „Мој термин” и секој ќе биде информиран преку својот матичен доктор.

Но, матичните лекари веќе реагираа дека организирањето на известувања за вакцинација преку нив ќе биде сериозна дополнителна обврска, која ќе им ги врзе рацете и бараат друго решение.

Во меѓувреме, додека се чека да пристигне првата доза вакцини утре од соседна Србија, персоналот и пунктовите за вакцинација се веќе подготвени. Во главниот град вакцинацијата ќе се спроведува на три локации, во поликлиниките Букурешт, Јане Сандански и Чаир, а термините ќе се закажуваат на 10 минути. Просториите ќе бидат одвоени за да нема мешање со другите пациенти. По примањето на вакцината се препорачува мирување од десетина минути. Имунизацијата ќе се одвива од 8 до 20 часот.