Македонија
30. March 2021 - 16:49

Дали од септември ќе се врати наставата со физичко присуство?

Приоритетна вакцинација на наставниците за отворање на училиштата од септември. Од Синдикатот на образование се зачудени што просветниот кадар не е ставен на листата на вработени кои се изложени на ризик. На таа листа ги има воспитувачките во градинките, но ги нема наставниците, дури ни тие до трето одделение кои држат настава со физичко присуство. СОНК бара да се овозможи вакцинација на наставниците кои тоа го сакаат.

Училиштата се затворени веќе една година, досега никој не го отворил прашањето дали децата ќе се вратат во клупите од септември. Според Неделков, за сите вклучени во образовниот процес е многу важно наставата следната школска година да почне во нормални услови и навреме.

Какви се плановите за следната година, денеска не добивме одговор од Министерството за образование. Во моментов во училиште одат децата до трето одделение, останатите учат онлајн. Оваа учебна година почна со еден месец задоцнување, а на одлуката за тоа се чекаше до 26 август.