Бизнис
23. April 2019 - 16:35

Дали ќе се спроведе одлуката исклучените од парно да не плаќаат паушал?

Граѓаните исклучени од системот за парно греење ќе заглават со бирократски работи во обид да се ослободат од обврската да плаќаат паушал. Од граѓанското здружение “Но Пасаран” стравуваат дека снабдувачот ќе најде начин како и натаму да наплаќа фиксен надоместок. Со цел исклучените од парно да се заштитат од можни манипулации, предлагаат потребните документи наместо до БЕГ да ги достават до Регулаторната комисија за енергетика.

“Веруваме дека повторно ќе праќа сметки на граѓаните, таа ќе најде еден куп начини да продолжи со испраќање на сметки и со испраќање на опомени и со судење. Таму се кажува дека граѓаните треба со лична карта и со имотен лист да докажат дека живеат во тој стан, меѓутоа таму не пишува на кого треба да му докажат. Ние ги насочивме граѓаните, оние кои што не сакаат да имаат работа со БЕГ, кои што не сакаат своите лични податоци да си ги остават во БЕГ, ги насочивме во Регулаторна. Регулаторна треба да работи според правилата кои што сама си ги донела. Треба овие барања да ги прими и да ги процесуира. Треба да ги извести снабдувачот, во овој случај БЕГ, и самите луѓе кои ги поднеле барањата дека повеќе нема да плаќаат”, вели Маријан Ненов од “Но Пасаран”.

Регулаторната комисија за енергетика ќе посредува доколку настане проблем меѓу снабдувачот и граѓаните кои според новите правила не треба да плаќаат паушал. Оттаму уверуваат дека ако ги достават потребните документи, валиден имотен лист и лична карта, сите кои до сега плаќаа паушал, ќе бидат ослободени од обврската. Ова се однесува за сите станови и деловни простории што се користат за сопствени потреби или се издаваат под кирија. Празните станови и деловни локали ќе продолжат да плаќаат фиксен надомест.

До исклучените од парно веќе пристигнуваат писма со инструкции од БЕГ. Рокот за доставување на документите е до крајот на мај, во спротивно нивното барање за ослободување ќе се разгледа, но за наредната грејна сезона.

“Барањата поднесени по 31.05.2019 ќе бидат земени во предвид за одобрување на статус на исклучен потрошувач кој нема обврска за плаќање на надоместок за ангажирана топлинска моќност веќе за следната грејна 2019/2020 сезона”, пишува во писмото од БЕГ.

Неодамна Регулаторна донесе одлука со што конечно, по речиси 7 години, исклучените од системот за греење ги ослободи од обврската да плаќаат паушал.