Македонија
20. August 2019 - 16:11

Дали Италија може да го искомплицира членството на Македонија во НАТО?

Дали главоболките на италијанскиот премиер Џузепе Конте и на шпанскиот Педро Санчез не очекувано ќе станат македонска главоболка за членство на државата во НАТО? Владите на Италија и Шпанија се во длабоки политички кризи кои веројатно ќе резултираат со нови пралментарни избори во овие држави наесен. Тоа пак, може целосно да ги измести планот на Самитот на севератланската алијанса во декември - 29-те држави членки целосно да го имаат завршено процесот на ратификација за наше членство во НАТО.

Италијанскиот премиер Џузепе Конте соочен пред денешното гласање за доверба на владата си поднесе оставка. Падот на популистичката влада во Италија доаѓа неговиот заменик Матео Салвини пред неколку недели даде до знаење дека сака да ја урне владата.

Претходно, во длабока политичка криза која трае од април е и Шпанија. Доколку Санчез не биде потврден за претседател на Владата во септември, решението ќе бидат нови парламентарни избори дури во ноември.

За македонскиот НАТО контекст, битно е дека Италија и Шпанија се уште го немаат ратификувано протоколот за членство во Алијансата. Доколку тие организираат нови избори, Македонија ќе треба да ги чека новите влади и новите парламентарни состави за да биде дадена поддршка. Според тајминзите тоа тешко дека може да се заокружи до декември годинава. Од македонското министерство за надворешни работи велат дека рокот за декември е релативен, првичните планови за пристапниот процес изготвени од НАТО уште лани во август, предувидувале дека државата може да се надева на членство во првиот квартал на 2020 година.

Во однос на посочениот термин – декември 2019г., наша заедничка заложба со земјите-членки на НАТО е за време на декемврискиот состанок на лидерите на НАТО во Лондон, кога воедно ќе се одбележи и 70-годишнината на Алијансата, е да се искористи значењето на овој настан за промоција на успешните политики на отворени врати на Алијансата, но и важноста од членството на нашата земја во НАТО. Доколку некои од земјите-членки не стигнат со процесите за ратификација и процесот се реализира следната година, на ова треба да се гледа исклучиво како техничко прашање, објаснуваат од МНР.

Од таму велат дека на оваа процедура во државите членки не може да се меша ниту НАТО ниту нашата земја. Протоколот за членство треба да го ратификуваат уште 8 држави и тоа освен Шпанија и Италија, тоа треба да го направат и Чешка, Франција, САД, Велика Британија, Исланд и Холандија. Досега протоколот го ратификуваа националните парламенти на 21 држава. Целосно процедурата со доставување на пристапните инструменти во Вашингтон ја имаат завршено 13 држави членки на Алијансата. Најавите беа дека процесот ќе биде завршен до ноември, за на самитот, Алијансата да не потврди како 30-та членка на НАТО.