Дали институциите ќе го истражат имотот на Али Ахмети?
Влијанието на ДУИ во правосудството е огромно и повикот на лидерот Ахмети за истрага е театар за јавноста, смета поранешниот обвинител Александар Наков. Затоа, тој не очекува никаква акција од надлежните.
„Не верувам дека ќе се отпочне каква било постапка, затоа што таквата постапка треба да ја води човекот кој е поставен од страна на Али Ахмети, а тоа е претседателот на обвинителството за организирам криминал. Тоа е само фарса, замајување, фрлање прав во очите на народот, дека еве, спремни сме, од нас нека почнат, од мене и мојата партија. Јас во тоа не верувам. Нема ни да се отвори случај. Ќе се преземат одредени дејствија, како што викаме ние обвинителски да се утврди дека нема елементи на кривично дело. Тие се вообичаени форми на завршување на таквите процеси.“ – Александар Наков, поранешен обвинител
Наков смета дека со новите настани, дополнително ќе се урниса слабиот рејтинг кај правосудните органи од 3%.
Сепак, ако институциите решат да истражуваат и почнат од лидерот на ДУИ, најпрво ќе наидат на неговиот анкетен лист кој со години стои непроменет на веб сајтот на антикорпциска.
Таму стои скромен имот. Пријавил земјоделско земјиште во Албанија проценето на 30 илјади долари, куќа во Зајас од 100 илјади долари и трансакција од околу 700 илјади денари. Заедничко за имотот е што не приложил податок на кој начин е стекнат. Ахмети не пријавил свој, туку автомобил на жена му, скап 7 илјади евра.
Ваквиот апел за истрага, доаѓа откако внук му ја купи Соравија, како последен од низата бизниси во кои се вклучени негови роднини.
Првата антикорупционерка вели дека имотот на Дрин не може да се испита, но може да отвори случај за тоа дали институциите постапувале законски кога давале дозволи за работа на неговите фирми.
„Ние можеме да постапуваме од аспект на тоа како постапувале институциите. Таква проверка ќе направиме, со тоа што, ние за да отвориме предмет треба сите околности да ги ставиме на едно место и на колегиум да донесеме одлука дека по сопствена иницијатива отвораме предмет“ – Билјана Ивановска, претседателка на ДКСК
Антикорупционерите ќе се состанат следната недела.
Во меѓувреме, од први минатиот месец, како обвинители работат и синот на спикерот Џафери и сопругата на обвинителот Абази. Неговиот избор, пак, за прв човек на обвинителството за гонење организиран криминал и корупција беше сомнителен и за американската амбасада откако излегоа негови фотографии заедно со лидерот на ДУИ.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар