Македонија
24. July 2022 - 16:50

Дали фондот на браќа Манаки ќе стане културно наследство од исклучително значење

Фондот на првите балкански сниматели, Браќата Манаки, заслужува да биде прогласен за културно наследство од исклучително значење, велат од битолското одделение на Државниот архив.

- Во рекорден период тим од Државниот архив изготви елаборат и го достави до Управата за заштита на културно наследство. Првите информации кои ги имаме дека елаборатот е стручно наоравен и ги очекуваме позитивните резултати и да го добиеме првиот архивски фонд кој ќе биде од таа категорија културно наследство од исклучително значење, изјави Гоце Стојановски, директор на Државен Архив - Битола 

Фондот на Браќата Манаки е богат и колоритен и еден од најголемите во поширокиот регион. Содржи околу 20.000 фотографии, распоредени на 7000 стаклени негативи, 3000 ролни и филмови, 10.000 нивни оригинални фотографии, нивната целокупна документација, како и фотоапаратите и инвентарот од киното каде прикажувале филмови. Токму овој фонд ќе може да го види и светот. Битолскиот архив преку добиен грант ќе го дигитализира Фондот Браќа Манаки и ќе го сподели со светот преку платформата на Британска библиотека во Лондон. 

-Грантот ќе ни овозможи во рок од две години да биде дигитализиран материјалот и истиот да биде поставен на платформата на британската библиотека што за нас е голема работа. Овој фонд не заслужува да биде локален, заслужува да има светска промоција. Мислам дека ова ќе ја однесе  Битола во светот на истражувачите, вели Стојановски.

Моментално се дигитализирани само 5%. Битолскиот архив повеќе од 5 децении го чува фондот на Браќата Манаки.