Македонија
10. September 2024 - 16:39

Дали балансерот ќе се укине или ќе се надгради?

Ставот на министерот Минчев според СДСМ е признание дека и најавите за укинување на балансерот паднале во вода. Опозицијата обвинува дека владата на Мицкоски си погази уште едно ветување дадено пред изборите.

Наместо укинување на балансерот како што ветуваше ДПМНЕ сега имаме надграден и проширен балансер за чија примена ќе биде надлежно Собранието а ќе го раководи ДУИ. За многу кратко време време власта на ДПМНЕ си ги погази сите дадени ветувања пред граѓаните. А ЗНАМ се покажа дека не е никаков фактор во Владата, неми посматрачи и извршители на желбите на Мицкоски, вели Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ

Минчев кој претходно категорично најавуваше негово укинување, во неделното интервју за Радио слободна Европа го омекна ставот. Вели дека и покрај бројните злоупотреби, балансерот останува се додека не се најде посовремено решение.

Сè додека нема друго законско решение, во сила останува примената на балансерот, согласно Законот за вработени во јавниот сектор. Но останувањето во сила на балансерот не значи дека нема да биде предмет на расправа неговото евентуално укинување“. рече министерот Горан Минчев

Балансерот веќе беше причина за разидувања во владината коалција. ВРЕДИ остро реагираше откако Минчев ја промени пресметката за вработување во јавната администрација каде влезе само населението кое живее во државата, со што се зголеми процентот на Македонци, а се намали на сите останати етнички заедници.

Сепак, дали вработувањето по етничка основа е уставно, според најавите уставните судии ќе решаваат на седница следната среда.