Балкан
18. September 2015 - 19:08

Дачиќ и Сијарто до Милановиќ: Наместо да не осудувате, погрижете се за бегалците

Министрите за надворешни работи на Србија и на Унгарија, Ивица Дачиќ и Петер Сијарто му порачаа денеска на хрватскиот премиер Зоран Милановиќ дека е подобро „наместо остро да ги осудува соседите, да се грижи околу планот за прифаќањето на мигрантите, кој по само еден ден доживеа колапс“.

Дачиќ истакна дека од страна на Хрватска доаѓаат некоректни зборови, нарекувајќи ја Србија „мува“, со што ја навредил земјата.

- Ќе му одговорам со цитат од филмот „Балкански шпион“ - „Орелот падна“. Подобро Хрватска да води сметка да не и се случи тоа, а не да дели лекции, порача Дачиќ.

Шефот на унгарската дипломатија истакна дека Милановиќ остро ја нападнал Унгарија, споредувајќи ги случувањата во оваа земја со најмрачните историски настани во 20. век, што според него е неприфатливо.

Сијарто додаде дека хрватската Влада моментно е зафатена со превозот на мигранти кон унгарската граница, отколку да им обезбеди сместување и се што е потребно.

Претходно и српскиот министер за внатрешни работи Небојша Стефановиќ изјави дека е изненаден што Хрватска не е подготвена за мигрантската криза, имајќи предвид дека цела година ги следела случувањата во соседството.