Македонија
10. January 2024 - 16:39

Да се биде или не: Законски измени за помалку револтирани граѓани пред пунктовите за лични документи

Премиерот е расположен да го прифати предлогот на претседателот за пролонгирање на рокот за вадење на нови лични документи, поради промената на уставното име на државата. Но, сепак смета дека Пендаровски треба да ја преземе обврската да испреговара со грчката страна пред да се влезе во законски измени. 

Во вчерашното гостување во Тема на денот, шефот на државата иницираше промена на два закони, Законот за лична карта и Законот за патна исправа. Во однос на првиот, треба да се направат измени во член 14. А пак во Законот за патна исправа треба да се направат измените во член 3, во кој се наведува дека патните исправи кои го содржат натписот „Република Македонија“, ќе важат до истекот на рокот за важење кој е наведен во патната исправа, најдоцна до 12 февруари годинава.  

- Знаме дека може да се направи во едно попладне, не мора со европско знаменце да биде. Ќе ги измениме тие два закони, ќе го пролонгираме рокот, наместо февруари да биде септември-октомври, претходно ќе ги известиме и Грците дека немаме намера да бегаме од обврските од Преспанскиот договор, изјави шефот на државата Пендаровски.

Но сепак, конкретните измени во членовите на законските решенија треба да ги даде Владата како предлагач, а од Кабинетот на претседателот за Сител потврдија дека тој бил подготвен да се вклучи во комуникација со грчка страна во однос на прашањата кои се опфатени со Преспанскиот договор.