Д-р Попова: Загадениот воздух го прави организмот поподложен на респираторни инфекции
Дишењето загаден воздух го прави организмот поподложен на бактерии и вируси. Според микробиологот Горица Попова повеќе научни студии покажуваат дека штетните материи кои ги дишеме ја менуваат функцијата на клетките кои се битни во одбрана од инфекции.
- Самиот загаден воздух, присуството на азотен диоксид, сулфур диоксид, озон, ПМ 2,5 и ПМ 10 честички ја зголемуваат приемливоста на респираторниот систем кон инфекции. Не прават поподложни на инфекции и со вируси и со бактерии и тоа не е паушално кажано, постојат веќе издржани студии кои го докажуваат тоа. Станува организмот поподложен на пневмокок, на РСБ, САРС КОВ 2, изјави доц. д-р Горица Попова, специјалист микробиолог во Клиниката за респираторни заболувања кај децата - Козле.
Најзасегнати од токсичниот воздух се децата и лицата со хронични заболувања. Високото аерозагадување деновиве заедно со сезоната на вирусни и бактериски инфекции која е во полн ек ја наполнија Клиниката за респираторни заболувања кај децата - Козле. Дневно во амбулантите имаат и по 200 прегледи.
60-тина деца кои имале посериозни компликации задржани се на болничко лекување на Клиниката.
-
Александар Динев
Сите содржини од овој новинар