Бизнис
10. July 2015 - 15:01

Цветков: Утврдените 11 денари за пченицата се реална цена

Пченицата ќе се откупува по 11 денари за килограм како што беше утврдено на последниот состанок со производителите и мелничарите. Оваа цена е реална, а ако е помала од производната, државата во септември ќе интервенира со дополнителни субвенции, изјави денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков.
 
Цветков информира и дека државата ги нуди силосите на Агро берзата за складирање на житото.

 

- Во средата имавме трет состанок со производителите и мелничарите на кој договоривме цена од 11 денари за килограм откупена пченица. Бидејќи пченицата е стратегиски производ, доколку откупната цена е помала од производната, тогаш Министерството ќе предложи дополнителни субвенции за да им помогне на земјоделците, изјави Цветков по јавната расправа за измените на Законот за тутун во Институтот за тутун во Прилеп.
 
Годинашната реколта е тешка 200 000 тони и до крајот на септември ќе се знае дали ќе има дополнителна поддршка за пченицата. Лани производителите добија по еден денар.
 

Во моментов производната цена на пченицата е околу 10,5 денари за килограм или вкупно, трошоците на земјоделците се 35.000 денари по хектар. Цента на пченицата на берзите во Србија, пак, каде што родот е исклучителен, цената е 8,45 денари за килограм и со сите трошоци, мелничарите ги чини 11 денари.

 
- Производителите се ставени во временски теснец, 95 отсто немаат сопствени силоси и можност да ја складираат пченицата. Производителите прифатија, постојните силоси  со капацитет од 3.000 тони на Агро берзата, овде во Прилеп, да им бидат на располагање на производителите за да ја складираат пченицата по 60 денари за тон целата година, нагласи Цветков, додавајќи дека и мелничарите ги изнајмуваат своите силоси за 40 денари по тон, но за еден месец.
 
Ако производителите го продадат житото на истата фирма, ќе бидат ослободени од плаќање.
 
Според министерот, државата може да им помогне на призводителите сами да изградат силоси и да користат средства преку ИПАРД програмата со која 75 проценти од трошоците ќе им бидат покриени.
 
- Во државава годинава се очекува да се соберат околу 200.000 тони пченица од 70.000 хектари. Потребите на државата се 360.000 тони пченица, што значи 160.000 тони ќе треба да се увезат, најверојатно од Србија каде е најевтина пченицата, посочи Цветков.
 
Најголемиот откупувач во прилепскиот дел на Пелагонија „Жито Прилеп“ соопшти дека од 15 јули ќе го почне откупот на пченицата по 11 денари за килограм.