Македонија
17. јуни 2021 - 12:20

Цветанчо Ѓоргиев од Струмица заработува преку преработка на ѓубре

И ѓубрето чини пари, само треба некој да го преработи. Наместо сликите од диви депонии во секое населено место, купишта смет покрај патишата и облаци чад од палењето на растителниот отпад,  може да се добие  органско ѓубриво. Дека е така покажува примерот на Цветанчо Ѓоргиев од струмичко Ново Село. Тој со неговата семејна фирма е еден од ретките кој наместо да го фрла,  растителниот отпад го собира и од него прави компост.  Како суровина користи отпад од сопствените  површини, но и трската која многу често се пали.

Компостарата работи веќе четири години. Има  површина од околу четири хектари на кои годишно во просек се произведуваат околу пет илјади метри кубни сертифициран органски компост . Во процесот се вклучени двајца агрономи и шест оператори на машини.

Ѓоргиев смета дека долгорочно оваа дејност има перспектива и затоа веќе размислуваат за проширување на производството.