Македонија
15. September 2022 - 12:28

Црвениот крст ќе го одбележи Светскиот ден на првата помош

Оваа сабота во Битола ќе се одржи Конвенција по прва помош на која учество ќе земат општинските организации на Црвениот крст од цела држава. Ќе има и показни вежби, како и симултациска вежба по прва помош на 24 локации долж Широк Сокак каде ќе биде покажано се она што значи спасување на живот. Граѓаните ќе имаат од прва рака можност да видат, но и да испробаат белодробно оживување, прва помош на скршеници, помош при епилептични напади.

-Нашата организација секогаш работи на унапреедување на она што значи квалитет на првата помош, затоа што ние сме единствената лиценцирана организација која го едуцира населението, возачите во однос на првата помош. Затоа решивме годинава сите општински организации на Црвениот крст од цела земја да дојдат и да го покажат своето знаење, но истовремено да бидат вклучени и граѓаните во покажување, реанимација, белодробно и срцево оживување, на повреди така што на некој начин ќе ја зголемиме свеста и ќе покажеме дека првата помош е многу значаен сегмент во нашето општествено живеење затоа што можеме да спасиме човечки живот, не само на патиштата туку и секаде каде што е потребно, изјави д-р Лилјана Ристевска, претседател на ОО на Црвен крст Битола.

Од црвениот крст велат дека е потребно освежување на знаењата за давање прва помош.

 -Секогаш кога полагаме за возачка, добиваме сертификат за прва помош. Но сметаме и затоа Црвен крст посветено работи на тоа, секоја година имаме освежителни курсеви. Сега ќе имаме голема кампања каде ќе бидат опфатени над 2500 ученици и на тој начин секогаш покажуваме дека треба освежување на знаењата од прва помош. Неспорно е дека голем  делод граѓаните знаат, но не е на одмет сите знаења да ги освежиме и секаде каде има потреба да укажеме прва помош, изјави Ристевска.

Настанот се организира по повод Светскиот ден на првата помош.