Македонија
11. January 2024 - 16:38

Црните листи стануваат основ за постапка и во Македонија

МНР ќе ја намалува корупцијата во земјава, со измени на законот за рестриктивни мерки. Новите измени овозоможуваат функционерите за кои Обвинителството ќе покрене обвинение да ја загубат функцијата се додека судот не донесе пресуда. Ако се работи за фирма ќе и се забрани учество на тендери.

Изјава- Бујар Османи, министер за надворешни работи

“Се проширува Законот со уште еден опфат, а тоа е прво, од целите на Законот освен меѓународната безбедност, демократијата, се воведува и корупцијата, злоупотреба на службената должност и хибридните закани кон државата како цели коишто сакаме да ги постигнеме со измените на Законот за рестриктивни мерки, а се додаваат два важни инструменти, откако се задолжува институцијата предлагач да ги достави сите докази – материјални, нематеријални до Јавното обвинителство, а ЈО законски се обврзува веднаш да почне постапка, кривична постапка, вклучувајќи и конфискација на имот, и доколку заврши таа истрага со подигнување на обвинение тогаш се воведуваат два нови инструменти, а тоа е времено престанување на вршење на јавна функција и забрана за учество во процесот на јавни набавки се до правосилна судска одлука.”

Дополнително се додаваат и САД и Обединетото Кралство како земји кои може да побараат да се воведат рестриктивни мерки за некоја личност или фирма, што значи дека секој што ќе влезе на американската црна листа се соочува со постпка согласно Законот за рестриктивни мерки.

Изјава- Бујар Османи, министер за надворешни работи

“Тоа што предлагаме со овие измени на законот во рамки на оваа јавна дебата е да се додадат како основ за воведување на рестриктивни мерки од страна на државата и правните акти на САД и Обединетото Кралство, што значи покрај совет на безбедност и ЕУ сега и правните акти на САД и ОК се валидна основа за воведување на рестриктивни мерки.”

Владата пред два месеци најави дека се работи на законска регулатива во однос на третманот на лица кои се под санкции така што покрај ЕУ и ОН ќе се прошири листата и ќе бидат вклучени и санкциите од САД.

Османи се надева дека измените ќе бидат изгласани на следната владина седница, за што побрзо да бидат усвоени во Собранието.