Балкан
23. March 2021 - 12:47

Црна Гора размислува за целосно затворање на државата

Државниот секретар на Министерството за здравство на Црна Гора, Борко Бајиќ изјави дека целосно затворање на државата е опција за која се залага Институтот за јавно здравје и одделот од кој доаѓа, но дека оваа одлука не може да се донесе без проценка на други релевантни институции, пред се на министерствата за економија и финансии.

Тој рече дека од проценка на епидемиолошкиот ризик, најдобро е да се затворат границите со околните земји.

– Имаме неколку опции да го држиме сообраќајот преку границата. Тоа се т.н. пасоши за вакцинација, односно потврди дека некој е вакциниран, потоа потврди дека некој прележал коронавирус и ПЦР тест како гаранција дека некој не бил заразен во последните 72 часа, рече Бајиќ.

Тој додаде дека во последните неколку дена има стабилизација на епидемиолошката состојба, наведувајќи дека мерките во земјата се ригорозни.

Според него, затворањето е најдобриот начин да се намали епидемиолошкиот ризик во ситуација кога има недоволно почитување на мерките.

Бајиќ изјави дека земјите што воведоа целосно заклучување успеаја да ја намалат стапката на нови случаи, но дека ваквиот тренд трае неколку месеци. Одлуката за таков режим, како што рече, не е лесна за донесување.