Црна Гора побара помош од НАТО за гаснење на пожарот

Црногорската влада синоќа одлучи да побара помош од НАТО за гаснење на шумските пожари од воздух, бидејќи пожарите синоќа сè уште се ширеа на неколку локации, вклучувајќи го и тој околу Подгорица, каде што во текот на денот беа изгорени неколку куќи, а неколку пожарникари беа повредени.
„Според проценката на Министерството за внатрешни работи, Дирекцијата за заштита и спасување, моментално достапните ресурси не се доволни за ефикасно сузбивање на пожарите, особено во тешко достапните подрачја и во услови на високи температури, силни ветрови и суша“, објави владата.
Според извештаите, во моментов има активни пожари во општините Подгорица, Будва, Бар, Никшиќ, Шавник и Бијело Поље, а главниот пат Подгорица-Никшиќ е затворен за сообраќај.
Во соопштението се додава дека противпожарните авиони и хеликоптери работат со полн капацитет, но поради обемот на пожарите и ограничените технички можности, не можат да одговорат на сите барања.
„Прогнозата на Хидрометеоролошкиот завод укажува на продолжување на неповолните временски услови во наредните денови“, се наведува во соопштението.
Црногорскиот премиер, Милојко Спајиќ, изјави дека владата на Црна Гора ќе им ја обезбеди целата потребна помош на граѓаните кои претрпеа штета во пожарите, со цел да се санираат последиците и да се врати тоа што е изгубено.
„Свесен сум за тежината на загубите што ги претрпеа нашите граѓани. Владата на Црна Гора ќе биде со вас – ќе ја обезбедиме целата потребна помош за да ги санираме последиците и да го вратиме тоа што е изгубено. Овие предизвици се тешки, но ќе ги надминеме заедно, со верба во силата и единството на нашата заедница“, напиша Спајиќ на X.
Тој додаде дека пожарите на неколку локации во земјата предизвикаа голема материјална штета на граѓаните и заедниците.
„За жал, повредени се и нашите пожарникари – луѓе кои несебично и храбро стојат на првата линија на одбрана на животот и имотот секој ден. Им упатувам искрена благодарност и длабоко почитување за жртвата и храброста што ја покажуваат“, рече тој.
Спајиќ, исто така, им се заблагодари на Хрватска, Србија, Словенија, Европската Унија и НАТО за нивната помош во гаснењето на пожарот.
„Вашата поддршка во овие моменти значи многу за нашата земја и нашиот народ“, заклучи Спајиќ.
МИА
Ново на Сител
-

Сиљановска Давкова: Техничката влада е препартиска и нема уставен основ, сега не треба да има предвремени избори
-

Мисајловски: Сè поголем интерес за професионални војници, годинава конкурс за уште 300
-

Зеленски: Украински функционери се на пат кон САД за да ги разјаснат условите за постигнување мир
-

Стармер не сака разговори со Путин како што предложија Макрон и Мелони
-

Поранешната најголема санта лед во светот видена од вселената како се распаѓа
-

Трамп може да ги казни со царини земјите кои се противат на неговите планови за Гренланд
-

ДСЗИ: Причината за смрт на доенчето починато во Кавадарци ќе биде наведена во извештајот по завршување на обдукцијата
-

МВР: Од 20 до 31 јануари тестирање на камерите за сообраќаен надзор во рамки на „Безбеден град“
