Македонија
25. September 2017 - 16:19

Ципрас и Трамп ќе разговараат и за Македонија

Спорот за името на Македонија ќе биде една од темите за време на средбата на грчкиот премиер Алексис Ципрас со американскиот претседател Доналд Трамп, за време на официјалната посета на Вашингтон.

Грчки Риалњус објави дека Ципрас ќе бара од Трамп зајакнување на грчко-американските односи, посебно за решавање на отворените прашања на Атина, како што е спорот со Македонија. Според весникот, Ципрас ќе побара намалување на притисокот од Вашингтон за решавање на спорот за името, без напуштање на иредентизмот од страна на македонските власти.

Средбата, на која ќе се разговара и за кипарското прашање и за тензиите во Егејското море ќе се оствари кон средината на октомври, за што во наредните денови се очекува и официјална потврда.

Вчера Премиерот Заев негираше дека на средбата со шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас е разговарано за идентитетските прашања, и лично не е подготвен за такви преговори.

,,Така да воопшто не е навлезено во разговори за суштествените прашања поврзани со проблемот кој што Грција го има со нашето име. Лично јас, не, не сум подготвен да разговарам за идентитетски прашања на нашата земја. Сето тоа најавува дека до тој период, до идната пролет, или еве да кажам до средината на 2018, е логично и нормално да очекуваме нови идеи од медијаторот Метју Нимиц, на кои што двете страни ќе разговараат, ќе даваат свои коментари, ќе преговараат или се што ќе биде во функција на изнаоѓање на решение‘‘, изјави Заев.

Од друга страна, лидерот на ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски вчера за Сител изјави дека Заев и Коѕијас сепак разговарале и за името и за идентитетот.

,,Никој во државата не верува на тоа дека се сретнале во Њујорк да разговараат за прашањата за доверба. Тој беше сега пред 15 дека тука. Сигурно е дека разговарале за името, за идентитетот. Но, бидејќи сега сме пред избори ќе ни кажуваат  приказни дека нема да реговараат за ова, нема да преговараат за она кога цела Европа и цел свет знае знае дека оваа влада е составена на ваков начин, дека Заев е донесен на власт за да го реши името на начин на којшто Грција ќе сака да се реши‘‘, изјави Груевски.

Претходно и медијаторот Нимиц изрази оптимизам дека разговорите за името може да се забрзаат кон крајот на годинава.