Македонија
14. March 2016 - 15:20

ЧИСТ ПОНЕДЕЛНИК: Започнува најстрогиот пост - еве што треба да правите

Православните христијани го пречекуваат последниот ден од покладите и од денеска ги започнуваат четириесетдневните пости за најголемиот христијански празник Велигден. Но, постот значи не само откажување од мрсна и обилна храна, туку и контрола на страстите, и откажување од алкохол.

Во текот на посебниот чин на проштевање, кое на овој ден се одвива во сите храмови, свештенослужителите читаат молитви за Господ да им помогне на луѓето достојно да го одржат Великиот пост. Потоа, според традицијата, свештенството, вклучително и архиепископот, бараат прошка од сите луѓе во црквата, а мирјаните бараат прошка од свештениците, од своите блиски и познати.

Традицијата на барање проштевање пред почетокот на Велигденските пости во православниот свет има свои корени во древните палестински и египетски манастири. За време на Великиот пост монасите ги напуштале своите братства и постот го минувале длабоко во пустината. Пред излегувањето од манастирот сите монаси се собирале и барале прошка еден од друг, а потоа се распрснувале за да ги извршат своите подвизи.

Велигденскиот пост е најстрог и најдолг. Трае од Прочка до Велигден. Тука се 40 дена (Четириесетница), од Чист понеделник до Лазарева сабота и уште Страстната недела од Цветници до Велигден, вкупно 48 дена.

Постот започнува со Чист понеделник, денот по Прочка. Но неделата пред Прочка се вика Месопусна недела, народот ја вика и месопусни поклади зашто тогаш се запокладува. Во текот на оваа недела се јаде сирење и други млечни производи поради што се вика и Сирна недела, некои ја викаат и Бела недела. Прочка се вика уште и Сирни поклади поради што од тогаш се пости и од млечни производи, а се вика и Проштени поклади, бидејќи тогаш луѓето меѓу себе си ги простуваат гревовите.

Инаку, бидејќи рибата не се смета за мрсна храна може да се јаде за време на Велигденските пости, но само на Благовештение и Цветници. Одобрувањето риба да се јаде на поголемите празници и за време на пост (како и виното и маслото) доаѓа од потребата од една страна да се запази постот, а од друга на празникот да му даде поголема свеченост во празнувањето.