Бизнис
6. October 2023 - 12:26

Чипсот и сладоледот поскапуваат зашто се нездрава храна, вели Битиќи

Вицепремиерот Фатмир Битиќи смета дека е погрешно прочитана листата на производи, поради тоа што одлуката има два дела, првиот дел е продукти кои спаѓаат во повластената тарифа, односно повластената даночна стапка од пет посто.

– Таму е дефинирано, за разлика од претходното дефинирање во Законот, до детали кои се продукти спаѓаат во повластената даночна стапка од пет посто. И понатаму на страна 46 од одлуката се вели повластената стапка од данокот на додадена вредност, се применува врз прометот на следните услуги. Има вкупно 358 продукти или царински тарифи со одредени продукти кои спаѓаат во новата стапка, од 10 посто, рече Битиќи.

Тој објасни дека ако има некакви пропусти на следната седница на Владата ќе бидат решени.

– Ако трговците и производителите различно ја прочитале или не е доволно јасна, некој не знае дали на пример кравјото сирење треба да влезе во пет или 10 посто, можеме истата да ја објасниме и на следната владина седница такви пропусти ако има да ги решиме. Мора да кажеме што е тоа што сметаме дека треба да го стимулираме. Граѓаните имаат навики на храна, но одредени продукти ако во овој момент сметаме дека треба да бидат во стапката од 10 посто, оставаме простор да се ревидира ако тоа е дел од секојдневната исхрана на граѓаните. Сметам дека може да има различно толкување на одредени царински стапки, на одредени продукти затоа што не е целосно јасно, вели тој.

Битиќи се согласува дека млечен премаз со висока масленост од овчо млеко треба да биде несекојдневен и треба да има стапка од 10 осто. Но, тој вели дека има простор јасно да се каже за кои продукти станува збор.

Вицепремиерот не знаеше да одговори зошто ајварот останува со 5 посто, а лутеницата со 10 посто. Тој не сакаше да навлезе во дефиницијата што е луксуз. Рече дека може да е пропуст и дека за десетина производи нема проблем да се направи измена.

За чипсот, гумите за џвакање, сладоледот, тој кажа оти спаѓаат во категоријата на нездрави производи затоа што има повисока шеќерна вредност и не смета дека е основен прехранбен производ.

За цвеклото како здрава храна и е со 10 посто, Битиќи додаде дека ќе се ревидира.

Во однос на цената ја јајцата и оризот тој кажа дека таа цена е поадекватна во овој временски период.

– Ние не ги носиме мерките на штета на едните или другите. Мораме да донесеме мерки кои што ќе ја ублажат кризата и нема да нанесат штета на производителите, рече Битиќи.

Не е вистина дека има зголемување на цената на над илјада производи, опфатени се 358 категории на производи, додаде тој.

– Маркетите треба да започнат од денеска да ги менуваат цените од производите. Веќе во вторник имаме закажано седница на влада и може да се ревидира одлуката. Не гледам голем проблем за корекција на десетина производи, кажа Фатмир Битиќи одговарајќи на новинарско прашање.