Четворица загинати и над 50 повредени во сообраќајка кај Евзони, автомобил удрил во автобус полн со туристи од Србија
Четири лица загинаа, а над 50 се повредени во тешка сообраќајна несреќа која се случила рано утрово на магистралниот пат Атина-Солун во непосредна близина на граничниот премин Евзони. Според информациите што ги пренесуваат грчките медиуми до несреќата дошло откако туристички автобус на спрат од Србија во кој имало 78 патници се судрил со патничко возило во кое се наоѓале четири лица.
Тројца од патниците во автомобилот починале на лице место додека четвртиот кој бил со тешки повреди подоцна им подлегнал на истите. Откако патничкото возило се судрило со автобусот тоа налетало и на друго возило во кое имало една жена и дете, но за среќа тие не се повредени.
По судирот, автобусот завршил во ендек покрај патот и се превртел. Повредените патници се на различна возраст, а меѓу нив има две деца од шест и девет години. Во интервенцијата после несреќата на местото на настанот учествувале неколку полициски екипи, пожарникари со шест возила и три мобилни медицински единици со 12 возила на итната медицинска помош. Според сопственикот на туристичката агенција чиј автобус ги превезувал српските туристи најголемиот дел од патниците биле со лесни повреди.
,, Поголемиот дел од патниците се лесно повредени. Има и такви кои не се повредени. Полесно повредените се упатуваат во болницата во Поликастро и Килкис, тоа се места во близина на границата. Потешко повредените за кои јас знам а ги има десет до петнаесет, кога велам потешко, сега се е дискутабилно и скршениците се посериозни повреди, Она што го знаеме е дека се испратени во болниците во Солун и Ипократио.За нас сега е најважно да ги лоцираме и да знаеме кои патници каде се.,, вели Бојан Милосављевиќ, сопстевник на туристичката агенција.
Од агенцијата информираат дека тие веќе имаат испратено уште еден автобус, а дополнително ангажирале и друг од Грција со цел да ги згрижат сите патници. Автобусот со српските туристи од Белград кон Грција тргнал утрово. Со него патувале патници од повеќе градови од Војводина и Централна Србија.