Балкан
8. January 2016 - 13:06

Четири години затвор за братот на поранешниот романски претседател Басеску

Суд во Романија денеска го осуди Мирча Басеску, братот на поранешниот претседател на оваа земја Трајан Басеску, на четири години затвор заради трговија со влијание, утврдувајќи дека на еден затвореник му ветил дека за одредена сума пари ќе му обезбеди порано одлободување од затвор.

Како што пренесуваат американските медиуми, судот во градот Констанца го осуди Мирча Басеску на затворска казна во траење од четири години, додека второбвинетиот, политичарот Маријан Капатане, доби три години затвор.

Мирча Басеску, според тврдењето на судот, преку Капатане земал мито од 250.000 евра од синот на затвореник кој бил осуден за обид за убиство, а кому му ветил дека ќе му издејствува скратување на казната.

Басеску ја негираше вината и најави дека ќе се жали на пресудата.

Судот наложи од Басеску и Капатане да се конфискува сумата од 265.000 евра.

Трајан Басеску беше претседател на Романија во периодот меѓу 2004 и 2014 година.