Македонија
16. April 2023 - 16:31

Честитки од државно-политичкиот врв по повод христовото воскресение – Велигден

Да внесеме светлина и топлина во нашите животи спротивставувајќи се на сите кризи, проблеми и искушенија, порачува шефот на државата во велигденската честитка.

Празникот на христовата победа над смртта има посебно место во срцето на секој христијанин и инспирира вера, надеж и љубов. Посакувам овие празнични денови да се посветиме на најблиските и да даруваме насмевки, ведрина и оптимизам. Заедно да придонесеме за просперитетот, напредокот и благосостојбата на нашата татковина. Најискрено се надевам дека Велигден ќе ни донесе добра мисла, оптимизам и инспирација за правење добри дела и помагање на сите на кои им потребна помош и поддршка без разлика на религиската или етничката припадност, пишува Пендаровски.

Премиерот Ковачевски кој присуствуваше на утринската Воскресна Литургија во Соборниот храм посака овој ден да донесе сплотеност за напредок и развој на Македонија

Се наоѓаме во Соборниот храм на Македонската православна црква, наследници сме и на делото на Кирил и Методиј, и на Свети Климент и на Свети Наум и на сите наши просветители и светци, и би порачал на сите наши граѓани дека треба да бидеме единствени да ги надминеме разликите коишто ги имаме меѓу нас оние кои во минатото имале помеѓу себе недоразбирања треба да ги надминат сите заедно, да направиме нови чекори за просперитетна, успешна и за среќна за сите граѓани Република Северна Македонија, рече Ковачевски. 

Заедно постевме, заедно споделивме трпези и докажавме дека само така можеме да ја водиме државата, вели и спикерот Џафери.

Постевме заедно, иако на друг начин и со различно времетраење, споделувавме ифтарски трпези заедно, со негување на обичаите и традицијата, како што било и убеден сум ќе биде и во иднина. Само така потврдуваме на дело дека заедно можеме и да гладуваме, и да јадеме, и да се насмееме и да си ги споделиме тешкотиите низ кои што поминува човештвото. Само така, можеме да носиме одлуки кои ќе значат напредок и развој на Република Северна Македонија, нејзина економска и енергетска безбедност и безбедност на нашите граници и граѓани, пишува во велигденската честитка спикерот Џафери.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски повикува да се стави крај на сивилото и неправдите

Историјата нé учи дека предизвиците и ударите врз нас никогаш не престанале. И денес се нападнати нашите темели кои се основата на сите наши силни колективни верувања, но и она што сме! Овој пат разликата ќе ја правиме по мудроста што ќе ја покажеме и по обединетоста која мораме да ја имаме. Во овие празнични денови испраќам и порака кон една од нашите најголеми идентитетски тврдини - Македонската Православна Црква - Охридската Архиепископија: единството и трепетот над македонскиот оган, како и секогаш низ вековите - да продолжат да бидат главната одлика, вели Мицкоски

Велигденски честитки испратија и скопската градоначалничка Арсовска, ДОМ и Демократски сојуз.